НА АВТОПАТОТ ТЕТОВО-ГОСТИВАР СЕ ВОЗИ ПРЕБРЗО И ПОКРАЈ ЛОШИТЕ УСЛОВИ, А ПОРАДИ СКИНАТА ЗАШТИТНА МРЕЖА ЧЕСТО ИСТРЧУВААТ ДИВИ ЖИВОТНИ

    НА АВТОПАТОТ ТЕТОВО-ГОСТИВАР СЕ ВОЗИ ПРЕБРЗО И ПОКРАЈ ЛОШИТЕ УСЛОВИ, А ПОРАДИ СКИНАТА ЗАШТИТНА МРЕЖА ЧЕСТО ИСТРЧУВААТ ДИВИ ЖИВОТНИВо седум сообраќајни несреќи кои се случија во март причината беше удирање во животно (Фото: СДК.МК)

    Рамен пат, тесен коловоз, многу крпеници, ударни дупки и нерамнини и голем број возила, тоа е денешната слика на автопатот Тетово-Гостивар.

    Но, и покрај ваквата лоша состојба на патот, на оваа сообраќајна делница речиси сите возат со брзина од над 100 километри на час, иако максимално се дозволени 80 км/час. Сето ова го прави автопатот Тетово-Гостивар еден од најопасните патни правци во државата. Според статистиката на СВР Тетово, само во март оваа година, на делницата од месноста Карпалак до Гостивар се случиле 22 сообраќајни незгоди.

    Најголемиот број сообраќајни незгоди биле поради пребрзо возење, поради што доаѓа до излетување од коловозот, како и поради неправилно претекнување, непочитување на сообраќајната сигнализација и слично. На овој автопат, радарот на сообраќајната полиција неодамна регистрираше возило кое се движело со 207 километри на час. Автопатот посебно е опасен по дождливо време, кога на нерамниот коловоз се создаваат вирови со вода, па кога автомобилот при голема брзина ќе налета на нив, лесно може да излета“, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

    Во седум сообраќајни несреќи кои се случија во март причината беше удирање во животно.

    Тоа најчесто се бездомни кучиња, бидејќи на повеќе места заштитната мрежа од автопатот е скината. Понекогаш и покрупен добиток може да се затекне на коловозната лента, лисици, јазовци, а еднаш е забележана и мечка“, додаде Јосифовски.

    Во изминативе три месеци, СВР Тетово спроведува засилени контроли на брзината на движењето на возилата, при што биле санкционирани 985 возачи кои ја пречекориле брзината за 50 и повеќе километри на час.

    Делницата од наплатната рампа Тетово до наплатната рампа Гостивар всушност и не е регуларен автопат, бидејќи наместо три, има само две ленти во еден правец. Министерството за транспорт и врски неодамна најави дека оваа година ќе започне изработка на физибилити студија, а догодина и изградбата на нов автопат Тетово-Гостивар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира