НА БИТОЛА Ѝ НЕДОСТИГААТ СПЕЦИЈАЛИСТИ И НОВ АМБУЛАНТНО-ПОЛИКЛИНИЧКИ ОДДЕЛ ВОН БОЛНИЦАТА

    НА БИТОЛА Ѝ НЕДОСТИГААТ СПЕЦИЈАЛИСТИ И НОВ АМБУЛАНТНО-ПОЛИКЛИНИЧКИ ОДДЕЛ ВОН БОЛНИЦАТАПриоритетно е одделување на амбулантите надвор од клиничкиот центар или формирање нов амбулантско-поликлинички оддел лоциран вон болницата. (Фото: СДК.МК)

    Недостигаат педијатри, кардиолози, интернисти, уролози, неонатолози и друг специјалистички кадар во битолската Клиничка болница. Покрај подобрување на кадровската екипираност, потребно е и просторно проширување заради одделување на амбулантите надвор од Клиничкиот центар во Битола. Ова се дел од најнеопходните потреби за болницата „Д-р Трифун Пановски“ да може да ги унапреди здравствените услуги што ги нуди годишно на 300.000 пациентите од Југозападниот Регион во државата.

    Сепак, и покрај ваквите предизвици, Битола во државата е на второ место, по Скопје, на ранг-листата од 30 македонски општини според можностите за здравствена заштита на жителите. Истражувањето го направи Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), врз основа на податоци од 2021, а спроведено по 22 индикатори на медицински капацитети. По Битола доаѓаат Штип, Кавадарци, па Велес. Ваквата висока позиција на Битола укажува дека другите општини од внатрешноста имаат уште послаби можности за здравствени услуги. Според истражувањето, Битола за македонски услови има широка мрежа на здравствени установи, но и добра кадровска екипираност со лекари, специјалисти, стоматолози и фармацевти.

    Битолчани се со поделени размилувања околу квалитетот на здравствените услуги во градот.

    „Порано во болницата имавме врвен лекар за бубрези, тој почина, па сега голем дел од пациентите кои имаат бубрежна слабост заминуваат на лекар во Струга. Порано се стентираше во Битола, а сега стентови ставаме во Охрид. Акцелераторот за зрачна терапија е набавен пред 11 години, а на зрачење се оди во Скопје“, реагираат битолчани.

    Од Болницата велат дека е потребен специјализиран кадар и тоа педијатри, кардиолози, интернисти, уролози, неонатолози и други и нова опреа. (Фото: СДК.МК)

    Други, пак, велат арно е и што ги имаат здравствени услуги во сопствениот град, со оглед на бранот заминување во странство на здравствените работници.

    „Кој замина на медицина и специјализација од Битола, не се врати назад. Има случаи каде државата ги специјализирала, па пари ѝ вратиле само за да заминат во приватно да работат. Треба да сме благодарни и на докторите што ги имаме. Можеби малку се на број, ќе чекаме ред, но барем имаме болница во нашиот град. Ако ви се крене притисокот или ви зачука срцето на Интерно ќе се нацртате. Имаме гинеколози, породувања се вршат тука. Врвен експерт по нуклеарна медицина. Малку онколози, но сепак има. Кога ни се болни децата правец на Детско, не патуваме со километри по околни општини за детски доктор“, велат други битолчани.

    Од Клиничката болница во Битола посочуваат дека најнеопходно за развој и подобрување на здравствените услуги во моментот е просторно проширување и тоа, одделување на амбулантите надвор од клиничкиот центар или формирање нов амбулантско-поликлинички оддел лоциран надвор од болницата. Зградата на болницата е постара и со тек на годините, како што се поставува нова опрема, се зголемила потребата од поголем простор.

    Од Болницата додаваат дека исто така, потребен е специјализиран кадар и тоа педијатри, кардиолози, интернисти, уролози, неонатолози и други, како и опрема која константно треба да се обновува со цел да биде во тек со најновите достигнувања во медицинската област.

    Според истраажувањето на ЦГК, со 356 лекари Битола е трета во државата по број на доктори. На прво место е Скопје со 2.804, втор е Тетово со 456, а четврт Куманово со 310. Тоа значи дека во Битола на 262 жители има по еден лекар. Прилеп, кој е со 87.318 граѓани, односно за 5.000 помалку од Битола, има 234 лекари. Тетово и Куманово ја надминуваат Битола и по број на лекари и специјалисти во примарна здравствен заштита, во Битола има 112, Куманово 118, Тетово 168. Сепак, од сите општини во внатрешноста, Битола 65 лекари предничи по број на специјалисти во секундарна здравствена заштита, Тетово има 59, Куманово 42, Прилеп 23. Но, очигледен е недостатокот и на други здравствени работници зашто има 1,7 на лекар во секундарната здравствена заштита.

    Во градот има потреба и од повеќе гинеколози. Анализата покажа дека има по 6.840 жени на една служба за здравствена заштита на жената. Најлоша е состојбата во Прилеп, 36.184 жени на една служба.

    Како погранично место кон Грција, Битола уште го држи приматот за стоматолошка мека, па од општините во внатрешноста има најголем број стоматолози, 158, или еден на 585 жители. Има и и фармацевти најмногу после Скопје, дури 112.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира