Избирачкото место со најголем одѕив на Локалните избори за градоначалник во Битола е во центарот на градот, а она со најмал е во периферната населба Баир каде претежно живее ромско население, покажа мапирањето на изборните резултати кои го изврши Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола врз основа на резултатите од Државната изборна комисија (ДИК).
Како место со најголем одѕив од 58 проценсти е број 72, сместено во Музичкото училиште на булеварот Први Мај во Битола. Со најмал одѕив од 16 проценти е избирачкото место 93 во месната заедница „Димитар Валхов“ на улица Јорго Костовски во Баир. Освен тоа, тука има и најмногу неважечки ливчиња, 13,19 отсто од вкупниот број избирачи кои гласале.
Најголема разлика во гласовите од 7,6 пати во интерес на актуелниот градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој победи во прв круг и доби втор мандат, има на избирачкото место 90 во Основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ каде исто така има претежно ромски гласачи.
На второ место по освоени гласови на овие Локални избори изби Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, на трето е Методија Куновски, кандидат на СДСМ. Илиевска најголема предност на гласови пред Куновски има во избирачкото место 119 во Основното училиште „Климент Охридски“. Куновски, најголема предност во однос на Илиевска има на избирачко место 89 во училиштето „Ѓорѓи Сугарев“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



