НА МАТИЧАРОТ ВО НОВАЦИ МУ ИСТЕЧЕ ДОГОВОРОТ ЗА РАБОТА, ЖИТЕЛИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ИЗВАДАТ НИ КРШТЕНИЦА, НИ СМРТОВНИЦА

    НА МАТИЧАРОТ ВО НОВАЦИ МУ ИСТЕЧЕ ДОГОВОРОТ ЗА РАБОТА, ЖИТЕЛИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ИЗВАДАТ НИ КРШТЕНИЦА, НИ СМРТОВНИЦАЦели пат години матичарот работеше само преку договори на одредено време, од кои последниот истече на 30 јуни и тој од понеделникот веќе не е на работа. (Фото: Општина Новаци)

    Македонскиот иселеник во Шведска Димче Трајковски е мртов повеќе од две години, но во Македонија уште се води како жив. Неговите роднини подолго време не можат да извадат извод од матичната книга на умрените во Македонија зашто прво им барале заверка на документите од странство со апостил и печат, иако таму се ставаат само кодни броеви, а откако ја собрале документацијата сега нема матичар зашто му истече договорот за работа.

    „Димче Трајчевски од Црничани почина на 2 април 2022 година во Хелсинбург, Шведска. Од тамошната Управа добија потврда дека е починат и ја заверија во македонскиот Конзулат во Копенхаген во Данска. Дојдоа овде со меѓународен извод на умрени, но кај нас не им го признаа, им побараа апостил и печат на документот. Тоа таму може само овластен адвокат да го даде, а не и нотар. Службите таму немаат апостил и печати, туку кодни броеви. Ги вратија од Матичното од Новаци и откако обезбедија сè што треба, сега нема матичар оти му истекол договорот за вработа и не го вработиле на неопределено“, велат блиски лица на починатиот кои се обидуваат да ја извадат документацијата.

    Општина Новаци има 3.549 жители, таа е една од најголемите општини по површина во Македонија, најретко населена, но со многу иселеници родум оттаму. Преку Управата за водење матични книги во изминатите години таму беше ангажиран само еден матичар. Цели пат години работеше само преку договори на одредено време, од кои последниот истече на 30 јуни и тој од понеделникот веќе не е на работа. Претходно го водел и Матичиното одделение во соседната општина Могила и заедно опслужувал 80 села, но цели пет години државата не најде начин да го вработи на неопределено време.

    Сега за новачани да добијат кршеницае или смртовница треба да патува матичар од Битола. Но, и таму кубурат со кадар, а на некои од ангажираните референти исто така им истекле договорите за работа, па си заминале. Иако пријавата за потребниот документ може да се поднесе и електронски, постапката за издавање налага референт да ја отвори матичната книга на родени или умрени за да се видат точните податоци и дали има некакви измени.

    Досегашниот директор на Управата за водење на матични книги Емир Сулејмани вели дека е запознат со проблемот и дека поради изборите конкурсот за вработување матичари бил ставен во мирување. Од пред една недела продолжил, но што ќе се случува натаму зависи од новата Влада.

    „Нè фатија избори, немавме можност да ги вработиме, имавме активен оглас кој сега продолжи, и предвидено е да има вработување. Но, понатаму зависи од новата Влада, дали ќе ги остават или укинат огласите. Ќе најдеме начин во текот на неделата да оди некој друг вработен за да ги услужи граѓаните, така ни е планот додека да се најде конечно решение. Инаку, отворено е работно место, имаат аплицирано луѓе. Како понатаму ќе се одвиваат работите, не можам да кажам“, рече Сулејмани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира