ЕСМ деновиве потпиша договор со ЕБРД за поволна кредитна линија за изградба на две фотонапонски електрани Битола-1 од 20 мегавати и Осломеј-2 од 10 мегавати. Изградбата на двете електрани ќе чини околу 25 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра ќе бидат грант од Европската комисија, што го намалува кредитот и самите трошоци за изградба за 20 проценти, соопштија до Комбинатот.
Фотонапонската електрана Битола-1 ќе значи почеток на енергетската транзиција на РЕК „Битола“. Електраната ќе биде изградена врз исцрпен рудник за јаглен и ќе биде најголема сончева електрана во државна сопственост. За РЕК Битола се подготвуваат и други проекти за фотонапонски електрани во кругот на комбинатот, од уште 260 мегавати.
„Втората фотонапонска електрана од 60 мегавати и третата од 100 мегавати ќе бидaт изградена на тлото на исцрпените наоѓалишта на јаглен во рудникот Суводол. Четвртата од 100 мегавати ќе биде лоцирана во рудникот Брод-Гнеотино. Во тек се подготовки за изградба и на гасна електрана во РЕК Битола, со почетна инсталирана моќност од 250 мегавати, која ќе обезбедува електрична, но и топлинска енергија за општините Новаци, Могила и Битола. Сите наведени проекти ја претставуваат енергетската транзиција на РЕК Битола и се инвестиции кои во следната декада треба да го заменат производството на електрична енергија од јаглен“,рече директорот на РЕК, Пеце Матевски.
Крајна цел е овие капацитети кои работат на јаглен целосно да се заменат со електрани кои работат на сонце, а во РЕК делумно и со гасна електрана. Транзицијата нема да значи затворање на комбинатот, нити испуштање на вработени,
„Транзицијата на РЕК Битола од производство на електрична енергија од јаглен кон производство од обновливи извори апсолутно не значи затворање на комбинатот. Пред се`, во сржта на праведната транзиција е да го обезбеди човековото право на работа и благосостојба, да обезбеди нула отпад и реставрација на екосистемите. Со изградбата на капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори што ги планираме, бројот на вработени во РЕК Битола само ќе се зголемува“, рече Матевски на средбата во рамките на иницијавата за размена на искуства помеѓу региони со јаглен кои се наоѓаат во транзиција од Македонија и Грција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА