НА МЕСТОТО НА „МАЛАРИЧНА“ ВО ОХРИД ЌЕ СЕ ГРАДИ ПЕТКАТНИЦА, ВЕЛАТ ОД ОХРИД СОС, ОПШТИНАТА ТВРДИ ДЕКА НОВИОТ ПЛАН УШТЕ НЕ Е ИЗРАБОТЕН

    НА МЕСТОТО НА „МАЛАРИЧНА“ ВО ОХРИД ЌЕ СЕ ГРАДИ ПЕТКАТНИЦА, ВЕЛАТ ОД ОХРИД СОС, ОПШТИНАТА ТВРДИ ДЕКА НОВИОТ ПЛАН УШТЕ НЕ Е ИЗРАБОТЕНЗдравствениот дом „Маларична“, сместен во центарот на Охрид, го носи името по маларијата која го пустошела населението во овој регион. (Фото: СДК.МК)

    На местото на Здравствениот дом „Маларична“ во Охрид ќе се гради станбена зграда на пет ката, предупредуваат од граѓанската организација Охрид СОС. Тие велат дека со новиот Детален урбанистички план (ДУП) овој дел ќе се бетонизира со уште една зграда, и ќе се уништи објектот кој е познат по името во знак на сеќавање на болеста маларија од која пред 100 години имало заболено голем број лица, а од Општината одговараат дека таа организација не е релевантен извор на информации. 

    Со новиот ДУП, наспроти гимназијата ќе се надвисне станбена зграда со висина П+4 на целиот простор на сегашната ‘Маларична’, заземајќи и половина од сегашниот паркинг сè до оградата на основното училиште. Со оваа зграда, Охрид ќе добие уште 10.501 метри квадратни станбена површина или половина од она што се гради годишно. Добро знаеме дека досегашната урбанизација резултира во половина од становите да зјаат празни на сметка на хуманото живеење. Но, затоа изведувачот ќе биде побогат“, се вели во дел од реакцијата од Охрид СОС.

    Од Охрид СОС прашуваат која е потребата од отуѓување на државно земјиште чија елементарна намена мора да остане јавна и кој и зошто иницирал промена на намената на земјиштето и промена на сопственоста, на крај, државно земјиште да биде отуѓено за да се изгради приватна станбена зграда. 

    „Ќе се загуби последниот остров урбано зеленило во централното градско подрачје на Охрид, а на децата од дури четири образовни установи во непосредна близина, градинка, основно и две средни училишта, засекогаш да им се одземе елементарното право на чист воздух и здрава животна средина, правото на слобода, јавен простор, училишен двор, небо и сонце“, велат од Охрид СОС.

    Од Општина Охрид тврдат дека дека ДУП-от за овој дел не е донесен односно е во почетна фаза на изработка. Велат и дека Охрид СОС „не се релевантен извор на информации и служат за дезинформации, ширење и труење на етерот со негативни работи за Охрид“.

    Деталниот урбанистички план со опфат на делот од градот за кој прашувате е донесен во 2008 година. Општина Охрид нема ингеренции над објектите од Здравствениот дом или поранешната Маларична болница кои се лоцирани на овој потег. Од моментот кога е донесен Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, сите постоечки урбанистички планови и целокупното урбанистичко планирање во Охрид се усогласуваат со овој план и препораките од УНЕСКО. Веќе е отпочната постапка за носење на нов Детален урбанистички план за овој опфат од градот, на кој се однесува вашето прашање. Процедурата е на самиот почеток, па затоа сè уште не може да дадеме прецизни податоци за видот или изгледот на објектите кои ќе бидат дел од планот. Во текот на самата постапка истиот ќе биде даден на увид на јавноста“, велат од Општина Охрид.

    Здравствениот дом „Маларична“, сместен во центарот на Охрид, го носи името по маларијата, тешка болест која пред стотина години го пустошела населението во овој регион. Отворена пред точно еден век како антималариска станица, денес е потсетник на долгата и тешка борба со болеста која одзела многу животи, но и сведоштво на упорноста и единството на лекарите во искоренувањето.

    Во периодот меѓу двете светски војни на територијата на Балканскиот Полуостров, особено на територијата на тогашна Југославија, маларијата како болест од типот на заразни болести го имала својот врв, а особено тој бил пропратен со голем процент на смртност кај населението. Во гореспоменатиот период и територија, веќе биле заразени од таа болест околу 600.000-800.000 лица кои биле евидентирани со потребна лекарска помош, но бројката во реалност била многу поголема. Иако во овој период нема многу пишани податоци за маларијата , како еден од ретките пишани архивски докази претставува Воениот санитет од 1920/1921 година во кој се укажува дека во Скопската болница биле лекувани 4.815 лица, а како особено значајни доктори во борбата со маларијата биле д-р Симиќ, д-р Станчев и д-р Хаџи Здравев“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК историчарот доцент д-р. Никола Митровиќ-Бабе.

    Тој вели дека зградата како установа од доменот на медицината со име „Маларична“ сѐ уште охриѓани ги потсетува на времето во кое д-р Елена Каваева бесплатно и без страв успешно ги лечела луѓето заболени од маларија, како и ранетите и болните за врема на Втората светска војна.

    Д-р Елена Каваева бесплатно и без страв успешно ги лечела луѓето заболени од маларија, како и ранетите и болните за врема на Втората светка војна. (Фото: СДК.МК)

    Особено во борбата против Маларијата во Охридскиот регион се истакнувала д-р Елена Каваева заедно со нејзиниот сопруг д-р Владимир Каваев. Таа се смета за основоположник на медицинската зашита во Охридскиот Регион. Била родена во местото Честохова, Полска на 20 ноември 1893 година. Нејзината хуманистичко медицинска одлика започнува со школувањето на медицина во Берн, Швајцарија, а во целост го завршува најпрвин во Белград, па во Петровград, Русија каде се среќава со сопругот д-р Владимир Каваев. Така, во 1923 стигнуваат во Струга каде бил роден д-р Владимир Каваев. Истата година, но особено наредните години, д-р Елена Каваева ќе биде прв човек кој со своите медицински познавања ќе ја лечи маларијата во Струга и Охрид. За нејзини потреби се отворила и амбуланта, антималаричен стационар во близина на сегашната гимназиска зграда“, додава Митровиќ-Бабе.

    Според историските записи, Охридската Котлина и тоа како била погодна со блатливите и мочуришни терени за развој на маларијата. Кејот на Охридското езеро бил погодна почва како и течението на реката Црн Дрим и Сатеска и несомнено преставувала ендемско-маларично подрачје. Исто така, овој период на маларија бил во целост неевидентиран од аспект на историјата, туку во целост од здравствено согледување. Единствен запишан податок е дека во 1938 година во Охридско-Струшкиот Регион биле забележани 29.828 случаи на маларија, но бројката била далеку поголема оти сите заразени не оделе на преглед.

    Според историчарот и архивист Митровиќ-Бабе во Охридскиот Регион, кој во периодот меѓу двете светски војни е во зародиш за својата туристичка, но и експанзивна индустриска дејност, голем број лица преку непосредни контакти биле заразени од маларија.

    Како доктори на кои во прв план ќе им биде здравствената заштита и борбата против маларијата биле д-р Ристо Бавчанџија во Охрид и д-р Николај Незлобински во Струга, додека во двата града делувала неуморната д-р Елена Каваева. Започнувањето на здравствениот проблем довел до потреба од отворање на првите антималариски здравствени установи во 1922 година. Такви установи биле отворени најпрвин во Белград, Скопје, Трогир, а набрзо и антималарични станици се отвориле во Охрид и Струга и тоа во 1924 година. Во самите антималарични станици биле вршени прегледи без надомест, биле делени антималарачни средства и се вршени мали санациони работи“, вели Митровиќ-Бабе.

    Денес охриѓани се емотивно врзани за постојниот објект на „Маларична“, кој ја има истата намена како здравствена установа.

    Не постои повозрасен жител на Охрид кој не се сеќава или барем не чул за д-р Каваева, првата лекарка во нашиот град и пошироко, која речиси сиот свој работен век до најстари дни го минала тука, помагајќи дење и ноќе секому кому му била потребна лекарска помош, без разлика на потекло и социјален статус“, вели Владимир Трајановски.

    Со најавите дека на местото каде е Маларична со предложениот плански опфат се планира изградба на зграда, според Трајановски, се брише историјата и споменот за некои минати генерации кои дале значаен белег на Охрид и околината.

    Наместо постојниот објект на ‘Маларична’ да се реновира, па ако треба и надгради во средината, каде што се наоѓаат приземни простории, и да остане со истата намена, тука Општината планира да го отуѓи државното земјиште за да се изгради огромна приватна зграда. Не медицинска установа, не здравствен дом, нити Педијатриско одделение, туку нешто нетипично и би рекол непотребно во тој дел“, додава тој.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира