НА ОБЈЕКТОТ „ЗАТВОР“ ВО СТОБИ СТУДЕНТИ ОД САД И КАНАДА УЧАТ МЕТОДИ НА АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА

    НА ОБЈЕКТОТ „ЗАТВОР“ ВО СТОБИ СТУДЕНТИ ОД САД И КАНАДА УЧАТ МЕТОДИ НА АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊАСтудентите еден месец работат на стекнување практично искуство во археолошки ископувања, документација и истражување во урбана средина од римскиот и доцноримскиот период. (Фото: СДК.МК)

    На археолошкиот локалитет Стоби во тек е меѓународна археолошка теренска школа, која ја посетуваат 16 студенти од САД и еден од Канада. Тие еден месец работат на стекнување практично искуство во археолошки ископувања, документација и истражување во урбана средина од римскиот и доцноримскиот период.

    „Како и претходните години, и годинава работиме на објектот познат како ‘затворот’. Тоа е простор помеѓу Епископската базилика и Теодосијанската палата. Станува збор за методологија за археолошки истражувања. Претпладне се работи практична, теренска работа, а попладне во лабораторија. Учесниците се обучуваат за археолошки ископувања, теренска документација, фотограметрија и 3Д археолошко снимање и моделирање. Програмата вклучува и обработка и анализа на археолошки наоди, овозможувајќи целосен увид во процесот на археолошкото истражување“, кажа Јован Радњански, археолог во Националната установа „Стоби“ и раководител на школата.

    Школата се организира во соработка со „Балканската фондација“ од Софија. Во изминатиот период учесниците ги посетија Хераклеја во Битола, музеите во Скопје и музеите во Солун, Грција, нудејќи поширока перспектива за богатото археолошко наследство на Балканот.

    Претходно, во Стоби се одржаа две работилници, односно летни школи. Првата беше за конзервација и документација на римска керамика, а втората за конзервација на ѕидови. По 15-ти пат се организира работилницата за конзервација, која нуди теоретска и практична обука за изучување на римската и доцноримската керамика. Учесниците работеа во теренската лабораторија на Стоби со автентични керамички наоди од античкиот град, при што се запознаваа со различни конзерваторски методи и техники за заштита на археолошките артефакти.

    Втората работилница за архитектонска конзервација на студентите и волонтерите им нудеше единствена можност да стекнат теоретско знаење и практично искуство во конзервацијата на автентични римски и доцноримски археолошки предмети пронајдени во Стоби. Ментор беше Дејвид Карингтон од Обединетото Кралство.

    „Со оваа школа завршивме дел од конзервацијата на еден неконзервиран ѕид од Теодосијанската палата. При крај сме со конзервацијата на ѕидовите на целиот објект, на кој претходно била вршена конзервација во 1930-тите години. Тие беа во лоша состојба и имаа очајна потреба од конзерваторски третман. Учесниците работеа на конзервација и документација на римската и доцноримската архитектура на Теодосијанската палата“, кажа Карингтон.

    И овие две летни школи беа организирани со партнерот од Бугарија, фондацијата „Балканско наследство“, а посетија 15-на студенти од САД.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира