НА СОБИРОТ НА ОЛДТАЈМЕРИ ВО ВЕЛЕС ИЗЛОЖЕН НАЈСТАРИОТ АВТОМОБИЛ ВО ВОЗНА СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА, „ФОРД Т“ ОД 1923

    НА СОБИРОТ НА ОЛДТАЈМЕРИ ВО ВЕЛЕС ИЗЛОЖЕН НАЈСТАРИОТ АВТОМОБИЛ ВО ВОЗНА СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА, „ФОРД Т“ ОД 1923„Форд Т“ е стар 103 години и е во возна состојба. (Фото: СДК.МК)

    Најстариот автомобил во Македонија, „форд Т“ произведен во 1923 година, беше изложен на собирот на олдтајмери во Велес. Неговиот сопственик Драганчо Богевски-Попето од Битола го набавил летоска. Автомобилот и натаму е во возна состојба.

    „Овој автомобил е од првото сериско производство на фабриката ‘Форд‘ и прв модел што можел редовно да се вози во сообраќај. Возилото не може да помине толку големо растојание од Битола до Велес, па затоа го шлепував. Возењето му е со брзина од 30 до 40 километри на час, па затоа не е за редовен сообраќај. Во тек е постапката за царинење, по што ќе следува регистрацијата. Се пали и на анлансер и на курбла. Автомобилот е за кратки релации, бандажите му се дрвени, гумите се на пумпање, има задни сопирачки и собира четири патници“, кажа Богевски.

    „Опел капитен“ од 1941 година, кој служеше за снимање сцени од филмот „Ослободувањето на Скопје“ во 2014 (Фото: СДК.МК)

    Тој е страстен вљубеник во старите возила што се во возна состојба, познати како олдтајмери. Има и автомобил „опел олимпија“ од 1952, „пјуик“ од 1952, „форд таунус“ од 1966 и други.

    На собирот, кој го организираше здружението за олдтајмери „Кинг оф д стрит“ од Велес, беа изложени околу 70 стари автомобили. Освен од Македонија, имаше возила и од Србија и Босна и Херцеговина. Годинава собирот се одржува по шести пат.

    „Нè радува интересот кај велешани. Има многу заинтересирани кои сакаат да видат дел од историјата на автомобилизмот. Ова е како музеј на отворено, подвижен музеј на тркала“, рече Ристе Мулев, претседател на здружението.

    На собирот, кој го организираше здружението за олдтајмери „Кинг оф д стрит“ од Велес, беа изложени околу 70 стари автомобили (Фото: СДК.МК)

    На собирот беа изложени и „пежо 203“ од 1951 година и „опел капитен“ од 1941, кој служеше за снимање сцени од филмот „Ослободувањето на Скопје“, сниман во Велес во октомври 2014. Можеа да се видат и „мерцедес 280 С“, „шкода 100 С“, „москвич“ и мотоцикл „јамаха ројал стар“. Секој изложен автомобил беше приказна за себе.

    Велешанецот Борче Саздов го претстави својот новорепариран олдтајмер – „опел манта“ од 1974 година.

    „Со овој автомобил се претставив на три изложби во Македонија, во Струмица, Штип и Тетово, а сега за првпат и пред моите велешани. Имам уште некои фини работи да доработам на него, пред да почнам да работам на друго возило. Го возам и уживам во него“, кажа Саздов.

    Можеа да се видат и „шкода 100 С“ и „москвич“ (Фото: СДК.МК)

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира