НА ТАБАНОВЦЕ ПОМИНАЛЕ 10.225 ПАТНИЦИ ЗА 12 ЧАСА, МЕТЕЖОТ Е ПОРАДИ ГОЛЕМИОТ НАПЛИВ, ВЕЛАТ ГРАНИЧАРИТЕ

    НА ТАБАНОВЦЕ ПОМИНАЛЕ 10.225 ПАТНИЦИ ЗА 12 ЧАСА, МЕТЕЖОТ Е ПОРАДИ ГОЛЕМИОТ НАПЛИВ, ВЕЛАТ ГРАНИЧАРИТЕНа граничниот премин Табановце се чека од пола час до час. (Фото: СДФ.МК)

    Од 30 до 60 минути чекаа патниците со автомобили за да влезат во државава на граничниот премин Табановце, на македонско-српската граница. Најголем дел од нив се странски државјани, туристи кои транзитираат, а помал број се гастарбајтери и Македонци кои доаѓаат на одмор во земјава или се враќаат од море.

    Според стасистиката на граничната полиција на Табановце, вчера од полноќ до 12 часот имало проток на 10.225 патника. Од нив, во државата влегле 2.137 домашни и 4.998 странци, а излегле 1.117 домашни и 1.973 странски државјани.

    Пасошката контрола се врши на „едно застанување на граница“ (One Stop Shop), за влез во државата на граничниот премин Табановце, а за излез на српската стана на Прешево. Во кабините заедно со македонски се и српски полицајци и пасошката контрола не трае подолго од 5 минути, а царинската уште пократко. За влез во Македонија се користат сите 5 ленти за пропуштање на патничките возила и дополнително по една за автобуси и камиони.

    Пасошката контрола се врши на „едно застанување на граница“ (One Stop Shop), за влез во државата на граничниот премин Табановце, а за излез на српската стана на Прешево. (Фото: СДК.МК)

    „Не чекавме долго, точно 35 минути. Не е тоа многу за да се помине граница. Немаше застој и се одвиваше добро. Задоволни сме како функционира заедничкото прегледување на пасошите, пократко се чека во однос на порано. Одлично е, само нека остане така“, ни изјави еден белграѓанин кој со семејството отпатува на одмор во Грција. Едно нишко семејство ни кажа дека чекало 55 минути, но тоа е помалку од преминот со Бугарија, алудирајќи на тоа дека тој е европски.

    Но, не секогаш е вака. На социјалните мрежи врие од поплаки дека поминувањето на границата е многу бавно, дека се чека со саати, системот „едно застанување на граница” не е функционален, а службениците троми.

    гужвите се најголеми за викенд и на смените во летувалиштата, кога се чека на граница и по неколку часа. (Фото: СДК.МК)

    Од полициските службеници не добивме изјава, па луѓе кои работат во граничните служби на Табановце тврдат дека оваа година има многу голема фреквенција на патници што е причина за подолгите чекања.

    „Јас работам 25 години овде, ама ваква гужва досега немам видено. Дали поради тоа што бевме затворени поради ковидот или нешто друго, ама има невиден наплив на патници. Порано во овој период доаѓаа нашите и турските државјани коишто транзитираа тука, сега има многу Романци и Унгарци, Србите се 80 отсто од патниците. Не се работи за тоа дека пасошката контрола е успорена поради новиот заеднички систем, напротив целиот процес не трае повеќе од 5 минути, ама има голем притисок. Колони на возила како никогаш и во двата правци“, вели нашиот соговорник.

    Тој признава дека гужвите се најголеми за викенд и на смените во летувалиштата, кога се чека на граница и по неколку часа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира