Понудата на цреши на велешкиот пазар годинава бргу заврши. Ги имаше два три пазарни дена и толку. Мразот и снегот ги оштетија овошките на крајот од март и почетокот на април, родот беше осетно намален, а поради тоа и цените беа високи. На пазарот во Велес се продаваа по 250 денари за килограм.
„Ниските темепратури го оштетија цветот, а со тоа и родот. Годинава имаше малку род и имав за продажба за три пазари. Претходните години имав род за цел месец, сега за една недела“, вели овоштар од Чашка, одгледувач на цреши.
За разлика од пазарот, во маректите цената на килограм цреши беше 1.300 денари. Таа предизвика многу реакции и шеги по социјалните мрежи – „Едно дрво цреша се менува за двосебен стан, или едно родно дрво е гарант за кредит“. Во полицискиот билтен беше регистиран случај на 69-годишен жител на Свети Николе кој пукал со воздушна пушка кон деца кои береле од неговата цреша.
„Лани имав пет тони цреши годинава само 50 кила Ги дадов за 250 денри на големо. Лошото време влијаеше и на родот на црешата и во соседството. Годинава овошјето, праската кајсијата, не само црешата, ќе биде скапо. Лошо време ги зафати и Бугарија, Турција, Албанија, Србија, снегот и мразот не беа само во Македонија“, вели Владо Орданов овоштар од Росоман.
Над 650 овоштари пријавиле оштетување на родот во Градско и Росоман до надлежните комисии, Најмногу, 570 пријави, до Општинската комисија за штети од пролетни ниски утрински температури стигнале од Општина Росоман. Во Општина Градско 77 овоштари пријавиле насади кои се уништени до мразот.
П. ПЕЧКОВ