Пред спортскиот центар „Јордан Мијалков“ во Штип стотици граѓани преку цел ден чекаат ред за вакцинирање. Со масовноста се зголемуваат и гужвата и расправиите помеѓу граѓаните. Ги има од повеќе градови од Источна Македонија и од Струмичкиот регион. Стуткани еден до друг, сите се обидуваат да влезат внатре, иако некои од нив немаат договорено термин. За редот се задолжени посебни редарски служби, а им помагаат полицајци и војници, па досега не се случил инцидент.
Граѓаните кои излегуваат откако примиле вакцина имаат само пофални зборови за организацијата, почнувајќи од приемниот пункт што го водат волонтери на Црвен крст, преку пунктот за компјутерска евиденција на кој работат студенти од Медицинскиот факултет во Штип, до медицинските сестри и докторите кои се наоѓаат кај 22-та пункта за вакцинирање.
„За една недела, над 5.000 граѓани примија вакцина. Слаб одзив имаше само првиот ден. Оттогаш, бројот постојано расте. Очекувам оваа недела масовноста да се зголеми уште повеќе. Сега вакцина примаат 1.200 граѓани дневно. Нашиот капацитет од осум до 20 часот е до 2.000 граѓани. Денеска добивме нови 5.000 дози. Вакцини ќе примаме според дневните потреби.“, вели раководителката на Регионалниот вакцинален пункт во Штип, Дијана Коцева-Миланова.
Во градовите што ги покрива овој центар значително е помал бројот на новозаразени во однос на другите региони и вчера се движеше од три во Штип и Радовиш до осум во Виница.
Т. ЈОВАНОВСКИ