НАБАВЕНИ СЕ АПАРАТИ ЗА ВНЕСУВАЊЕ КИСЛОРОД ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

    НАБАВЕНИ СЕ АПАРАТИ ЗА ВНЕСУВАЊЕ КИСЛОРОД ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТЗа да почнат со работа аераторите потребно е да се изработи елаборат. (Фото: СДК.МК)

    Набавени се апарати за внесување кислород, познати како аератори, кои се неопходни за да почне процесот на ревитализација на Езерото Младост. За да почнат со работа потребно е да се изработи елаборат. Еден аератор e поставен пред плажата на хотелот „Романтик“ и тој е со пробна функција.

    Набавени се од донации на бизнис секторот во Велес.

    „Набавени се три видови аератори. Шест водоскоци кои ја исфрлаат водат во вис, два пропелери со перки кој прават површинска аерација и две турбини кои прават длабинска аерација и носат воздух до осум метри длабочина. Потребен е проект и фирма која ќе ги постави“, кажа Даниел Наумовски, претседател на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес, кое ја организраше акцијата за донација.

    Според стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Охрид, основно беше да се изврши внесување кислород во езерото, бидејќи овој елемент е важен за живиот свет во него и токму поради негово отсуство се јавува изумирање и на флората и фауната. Од Општината најавија дека ќе се изврши багерирање на крајбрежјето од исушената маса која пливаше по површината. Готов е и проектот за чистење на заливот на Отовичка Река. Нивото на езерото е намалено два до три метри, а со зголемувањето на температурите по површината плива изумрена органска маса.

    Неодамна се одржа и средба на координативното тело за спас на Езерото Младост, во кое членуваат и вицепремиерот Љупчо Димовски, претставници од сите засегнати институции – ЈКП „Дервен“, ЈПВ „Лисиче“, Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес, како и претставници на Советот на Општината од советничките групи. На средбата е кажано дека Владата издвоила 10 милиони денари (над 160.000 евра) за потребите за ревитализација не езерото.

    Езерото од лани летото е забрането за капење и за наводнување на околните пет илјади хектари површина, најмногу со лозја. Стручните лица од ЦЈЗ Велес побараа да се изврши контрола колку цијанотоксини има во водата, анализа која ја нема во Македонија и поблиското соседство.

    „Важно во нашиот случај е да знаеме дали има присуство на цијанотоксини. Најблиску каде може да се испита водата е Словенија. Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација, во други лаборатории на Балканот таква можност нема“, вели д-р Ивана Горгиевска од Центарот за Јавно здравје во Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира