Откако членовите на иницијативата „Тетово сака парк“ имаа јавна трибина со дел од советниците во Советот на Општина Тетово, сега остварија средба и со градоначалникот Билал Касами на која уште еднаш ја презентираа идејата Тетово конечно да добие парк, зелен простор кој многу му недостасува на градот.
„Во разговорот со градоначалникот Касами ние ги претставивме нашите позиции, се интересиравме за неговите ставови и разговаравме што можеме понатаму да направивме во насока конечно реализирање на идејата Тетово да добие градски парк. Го потсетивме дека тој има ретка и можеби историска можност да биде градоначалник запаметен по нешто добро изградено во градот, дека направил некоја додадена вредност на овој град, а не бил еден како од многуте пред него кои во своите мандати му нанеле неповратни штети на градот. Имаме и разбирање за позициите на градоначалникот во делот на објективно тешката положба во која се наоѓа општината каде акцент се става на лошата финансиска состојба во која се наоѓа Општина Тетово. Сепак ние сметаме дека проблемот во најголема мера лежи во недоволната екипираност на Општината, што не е само одлика на овој Општински состав туку и на многу пред него, како и во недоволното познавање на можностите коишто компаративните искуства од другите градови зборуваат за многу успешни модели на решавање на слични прашања“, вели Дарио Сотировски, член на Иницијативата „Тетово сака парк“.
И додека на јавната трибина советниците од Советот на Општина Тетово ја поздравуваа идејата, но беа доста скептични дека таа ќе може да се реализира, градоначалникот Касами по средбата со членовите на иницијативата „Тетово сака парк“ излезе со нешто пооптимистичка изјава.
„Идејата е одлична и јас ги поздравувам и охрабрувам да продолжат со тоа што на Тетово му требаат такви иницијативи кои се залагаат за остварување на нашите заеднички права кои ни недостасуваат во ова модерно време. Искрено разговаравме за сите можности и им ја укажав мојата заложба дека и другите здруженија од јавниот сектор ќе ми бидат партнери во идното водење Тетово“, изјави градоначалникот Касами.
Тетово се уште нема зелен простор со површина поголема од еден хектар што е урбанистички предуслов некоја зелена површина да се нарече парк. Таква површина, со големина од околу 16 хектари, се наоѓа на влезот во Тетово од правецот на Скопје за која од Иницијативата „Тетово сака парк“ велат дека е идеална, но е и единствена слободна површина каде може да се изгради парк. Дел од оваа површина го зафаќа и спорниот градски блок 57А на кој сега се наоѓа пропаднатата фабрика „ШИК Јелак“ на која според постоечкиот ДУП треба да се изградат дури 30 повеќекатници. Општината поведе постапка и го укина овој ДУП, но со новиот ДУП кој треба да се донесе, повторно тука наместо зелена површина предвидено е градба на згради, но сега во помал број.
З. АНДОНОВ