НАД 100 ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ ВО СКОПЈЕ СЕ ГРЕАТ НА МАЗУТ И НАФТА, ПОКАЖА МАПАТА НА „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“

    НАД 100 ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ ВО СКОПЈЕ СЕ ГРЕАТ НА МАЗУТ И НАФТА, ПОКАЖА МАПАТА НА „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“Од „Шанса за Центар“ велат дека зимава ќе се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство и стотици илјади килограми мазут.(Фото: Шанса за Центар)

    Над 100 јавни институции во Скопје се греат на мазут и екстра лесно гориво, покажа истражувањето кое го направи граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Од „Шанса за Центар“ објавија мапа на сите јавни објекти во градот кои, според склучените договори објавени на Бирото за јавни набавки, ги загреваат просториите на нееколошки начин.

    Од граѓанската иницијатива велат дека за да се промени начинот на греење кај домаќинствата е потребно повеќе време, напор, работа со граѓаните и пред сѐ прифатливи алтернативи за нив. Но, за да се промени начинот на греење кај институциите потребна е главно политичка волја и одлучност и таму треба да се насочат сериозни пари од оние кои граѓаните ги уплаќаат во буџетот.

    „Празните муабети, декларативните заложби и фрази за загриженост што ги расфрлаат големите партии нема да го решат проблемот со загадувањето на воздухот од кој секоја година прерано губиме луѓе. Загадувањето доаѓа од многу страни и потребни се многу пристапи. За да им помогнеме на институциите, ги мапиравме јавните објекти кои се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство. Мазутот е исклучително валкан енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво. Такви јавни објекти во Скопје кои ги согоруваат овие енергенси се најмалку 100“, велат од „Шанса за Центар“.

    „Шанса за Центар“ вели дека според договорите за јавни набавки, за една сезона може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство. Неколку установи зимава ќе изгорат стотици илјади килограми мазут, а во скопската котлина една јавна установа ќе изгори и 550 тони јаглен за загревање.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира