Кумановските основни и средни училишта во второто полугодие останаа без 131 ученик во однос на запишаните на почетокот на годината. Според Секторот за образование во Општина Куманово, поголем е бројот на испишани ученици во основните во споредба со средните училишта.
„Во четири средни училишта во учебната 2023/24 година се запишале 3.596, а испишани се вкупно 29 ученици. Додека во основните училишта бројката е поголема и од вкупно запишани 9.296 ученици изнесува 102 испишани ученици. Овие податоци укажуваат на фактот дека трендот на иселување продолжува и во текот на оваа учебна година“, вели Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование во Оштината.
Тој вели дека се испишуваат ученици од сите националности, бидејќи семејствата се преселени или се селат во западноевропските држави, а помал број одат и во другите градови во државата. Најголемо осипување има од поголемите училишта во градот.
На крајот на минатата учебна година од кумановските училишта се отпишале 397 ученици, дупло повеќе во однос на полугодието кога си заминале околу 150.
С. НИКОЛИЌ