НАД 300 ТАКСИСТИ ВОЗАТ НА ДИВО ВО ОХРИД, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌЕ ВОВЕДУВА РЕД КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ЛЕТНАТА СЕЗОНА

    НАД 300 ТАКСИСТИ ВОЗАТ НА ДИВО ВО ОХРИД, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌЕ ВОВЕДУВА РЕД КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ЛЕТНАТА СЕЗОНАОд такси компаниите кои имаат валидни лиценци нагласуваат дека посебно внимание треба да се посвети на контролата за тоа кој има лиценца, а кој вози на диво (Фото: СДК.МК)

    Хаос владее летово во такси превозот во Охрид, каде според официјалните податоци има околу 350 лиценцирани такси возила на шест компании. Но приближно уште толку возила таксираат без лиценци. Поради тоа, градоначалникот на Охрид Јован Стојановски најави план за средување на состојбите во такси превозот.

    „Ние оваа состојба ја наследивме. Поради тоа градоначалникот од  надлежните служи побара да се изготви план за средување на приликите во такси превозот. Тој план наскоро ќе биде реализиран. Чекавме да заврши сезоната за да видиме  кој проблеми се приоритетни. Најмногу проблеми има со дивите таксити кои немаат лиценци, потоа нелојалната конкуренција, но и со преземањето на патници на  несоодветни места на сообраќајниците во градот. Ние и досега имавме средба со такси превозниците од кои добивме корисни забелешки”, велат од од кабинетот на охридскиот градоначалник.

    За превоз со такси возило на самиот старт се наплаќа 50 денари, а секој нареден километар чини 30 денари. До Пештани треба да се платат 400 денари, а до Свети Наум околу 900 денари.

    „Мака мачиме со дивите таксисти. Ги има околу 300, можеби и повеќе. Тие немаат ниту табли за такси превоз, ниту лиценци. Станува збор за охриѓани кои таксираат низ градот на диво. Со своите приватни возила нудат такси услуги, а ако ги прашате каде им е таблата за такси возило, велат дека останале без работа и оти мораат од нешто да живеат. Тоа стана масовна појава летово. Имаше еден турист кој се пожали дека за превоз на релацијата Охрид – хотел „Инекс Горица“ му биле наплатени 1.100 денари, а тоа се само околу три километри“, ни вели познат охридски таксист кој работи со години.

    Во СВР Охрид велат дека контролата за тоа кој е лиценциран такси возач ја вршат надлежните општински служби, а само во посебни случаеви по барање на локалците можат и тие да прават проверка.

    Од такси компаниите кои имаат валидни лиценци нагласуваат дека посебно внимание треба да се посвети на контролата за тоа кој има лиценца, а кој вози на диво.

    Компанијата „Бел мерцедес“ летово единствена во градот во своите возила вгради таблети. По повикот на клиентот, диспечерот добиената порака ја испраќа  до возачот, тој неа ја гледа на својот таблет и веднаш  му  испраќа порака дека е дојден на бараното место на оној кој барал такси превоз.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира