НАД 550 ВАКЦИНИРАНИ ВО ВЕЛЕС ЗА 11 ДЕНА, ДОСЕГА БЕЗ РЕАКЦИИ НА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“

    НАД 550 ВАКЦИНИРАНИ ВО ВЕЛЕС ЗА 11 ДЕНА, ДОСЕГА БЕЗ РЕАКЦИИ НА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“Вакциналниот пункт во Здравствен дом Велес работи од 8-18 часот од понеделник до петок. (Фото: СДК.МК)

    Не се регистрирани несакани реакции на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ која досега  ја примиле повеќе од 550 лица од Велес. Изминатите единаесет дена, вакцинацијата на лица на 76 години со првата доза се изведува во вакциналниот пункт на Здравствен дом Велес. Вакцинацијата ја извршуваат доктори и медицински сестри од превентивните тимови, кои работат во две смени од 8 до 18 часот од понеделник до петок. Обезбедени се количества на вакцина за до понеделник.

    Пациентите доаѓаат во „Мој термин“ кој го добиваат од матичниот лекар.

    „Дневно има по 60 лица кои се пријавиле да примат вакцина против ковид-19. Вакцинираме по 50 лица, десетина не се јавуваат, не доаѓаат. Досега кај ниту едно вакцинирано лице не е појавена несакана реакција на вакцината по нивното здравје. Вакцинацијата се одвива без забелешки и без компликации, според протоколите“,  кажа д-р Пандели Божиков од службата за имунизација на Здравствен дом Велес.

    Има случаи кога лицата кои треба да се вакцинираат не се појавиле во закажаниот термин, но дошле следните денови и тие се примаат од службите и се вакцинираат. Секое лице кое е вакцинирано добива вакцинален картон со кој му се закажува втората доза на вакцина, која ќе ја добие по 84 дена.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира