Над 650 планинари и љубители на планината оваа година беа дел од традиционалното искачување на Титов Врв, највисокиот врв на Шар Планина и втор највисок врв во Македонија, висок 2.747 метри. Традицијата за масовно искачување на Титов Врв во овој период од годината започнала во 1982 година од планинарскиот клуб „Љуботен “ од Тетово.
Таа традиција, долга 44 години и овој пат е запазена, а на годинешново искачување учествуваа планинари од повеќе градови и планинарски клубови низ Македонија, како и гости од Косово и Србија.
„Планинарите се движеа по обележани патеки, а за нивната безбедност и непречено движење по трасата се грижеа бројни водичи и членови на ПК ‘Љуботен‘. Пред самата кула на Титов Врв на учесниците им беа поделени пригодни стикери како спомен од овогодинешното искачување. Временските услови беа поволни за движење на планина. Иако на повисоките делови дуваше силен ветер, што е карактеристично за овој дел од Шар Планина, искачувањето помина без поголеми предизвици. Поради значителното присуство на снег на повеќе делови од трасата, овогодинешното искачување се вбројува во зимски услови“, велат од ПК „Љуботен“.
Оваа година манифестацијата беше збогатена со разновидна програма во рамките на која беше организиран планински базар со рачни изработки, локални производи и сувенири, како и богата музичка и забавна програма. Особено внимание привлече детската програма, која за првпат беше организирана како посебен сегмент од настанот. Најмладите учесници имаа можност да бидат дел од лесна планинарска прошетка, едукативни и забавни активности, креативни работилници и еко-акции, преку кои се поттикнува љубовта кон природата и планинарењето уште од најрана возраст.
З. АНДОНОВ



