Нафта за автобусите на ЈСП има само за денеска и Скопје утре може да остане без јавен превоз, вели Африм Муча претседател на независниот синдикат на возачи на јавното претпријатие. Вели дека „Пуцко петрол“ престанал да испорачува гориво, но не знае кои се причините.
„Ситуацијата не е баш идеална. Вчера околу 17 часот добивме 18 тони нафта, но таа е доволно само за денеска. Утре нема да има автобуси ако не добиеме нова испорака. Овој проблем не е од денеска, три и пол години се мачиме. Децата не можат да отидат во школо, луѓето на работа, болните на лекар. Мене ми е срам да кажам дека немаме гориво“, рече Муча.
Тој кажа дека 18 тони нафта се доволни за да може да возат 120-130 автобуси. Вели дека сега не се сите автобуси на улици како порано кога возеле по 220 автобуси бидејќи се расипани. Затоа на улиците нема доволно возила и се чека подолго време да дојде автобус, а кога ќе дојде е преполн и патниците не можат да се качат.
Вчера градоначалничката Данела Арсовска на својот фејсбук профил напиша дека „Пуцко петрол“ престанал да испорачува гориво под притисок на ВМРО-ДПМНЕ.
А. АНТЕВСКА