НАГРАДАТА „13 НОЕМВРИ“ ЗА МКЦ, „ВО МОЈОТ СВЕТ“, ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ, ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ

    НАГРАДАТА „13 НОЕМВРИ“ ЗА МКЦ, „ВО МОЈОТ СВЕТ“, ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ, ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИНаградата „13 Ноември“ се доделува на физички и правни лица како знак на признание од Градот Скопје за остварувања во повеќе области. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, вечерва, за разлика од лани, се појави на свечената церемонија во Националната опера и балет (НОБ) за доделување на наградата „13 Ноември“, која се доделува по повод Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор. Годинава исто така, до самата свеченост, Град Скопје не ги соопшти наградените.

    „На овој значаен историски датум и настан од нашата историја -13 Ноември, им изразуваме неизмерна благодарност и им оддаваме признание на борците коишто одлучно и храбро се бореле и го ослободиле нашето Скопје пред 78 години. Во тоа наше слободно Скопје живееле и твореле и вечерашниве добитници на престижната награда, а овие датуми се потсетник за сите нас дека треба вредно да работиме за да создадеме подобра иднина за генерациите после нас, да создадеме место каде што тие ќе сакаат да го градат својот живот, односно да создадеме модерно Скопје со кое сите ќе се гордееме“, велат од Град Скопје.

    Годинашни добитници се: за публицистика: д-р Игор Радев и новинарот Љупчо Јолевски, од областа на образованието и воспитанието – професорите Весна Мојсова-Чепишевска и Ристо Малчески, за култура: Арлинда Калиси и Младинскиот културен центар (МКЦ), за наука: професорите Митко Б. Панов и Силвана Георгиева, за уметност: Тони Михајловски, за хуманитарната активност: Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ и Хуманитарната организација „Свети Спас“ од Скопје.

    Од областа на здравствената заштита наградени се проф. д- р Смиља Туџарова-Ѓоргова и д-р Соња Бојаџиева, а од областа на заштита и унапредување на животната средина и природата наградени се група творци – тим Среќа: Ања Цветковиќ, Никола Стојановски, Денис Димитров, Дарко Ефтимовски, Илина Георгиева, Коста Аризанов, Христијан Стојанов, Викторија Блажевска и д-р Драган Јованов.

    За спортските успеси се наградени Дејан Георгиевски за освоениот Сребрен медал од олимписки игри во Токио 2020, одржани во 2022 година, како и Ракометниот клуб Вардар 1961.

    Награди добија и учениците и студенти: Алексиј Тасиќ. Ангела Костуранова и Ејрона Абази.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира