Третина од децата кои годинава требаше да тргнат во прво одделение ги нема во училиштата во Куманово. Наместо 1.570 во прво одделение се запишале само 1.073 првачиња.
„Фрапантен е соодносот на децата кои оваа година се запишуваат во прво одделение. Од бројот колку се родени во годината која сега се запишува и колку е фактичката состојба, тука разликата е скоро 30 отсто или ни фалат 497 ученици по тие списоци што ни ги имаат доставено. За жал бројките и оваа година како и претходните учениците се намалуваат, така да ние во основно образование имаме запишани 131 дете помалку од минатата година“, вели Жика Крстевски, раководител на Секторот за образование во Општина Куманово.
Во средното образование се запишани 222 деца помалку во однос на лани. Наместо 2.500 колку што е распишано по конкурсот, запишани се 1.161 ученик. Најмногу интерес има за гимназиските и медицинските струки, а најмалку за економските и земјоделските.
Најголема причина за малиот број на ученици е иселувањето од градот во странство.
Во Општината Куманово има вкупно 15.614 ученици во 22 училиште. Од нив 10.364 во основно образование и 5.250 во средно образование.
С. НИКОЛИЌ