Велешани покажаа голем интерес за фрлање на кабаст отпад во акција на Општина Велес и ЈКП „Дервен“. Акцијата започна на крајот од август, но поради големиот интерес траеше два месеци, септември и октомври. Пријавувањето на граѓаните беше од 26 авгсут до 1 септември, а поради големиот број на пријави и по истекот на овој период, отпадот се собираше и во следните 60 дена. Иако со акцијата не се најави собирање на електронски отпад, граѓаните и него го пријавиле и се ослободиле од домашните уреди.
„Акцијата ја оценуваме како успешна, бидејќи беа собрани околу 200 метри кубни отпад. Интерес кај граѓаните секоја година има, особено поради тоа што оваа услуга е бесплатна, а потреба да се исфрли стар мебел или друг вид габаритен отпад од домаќинствата секогаш постои. Електронскиот ситен отпад граѓаните можат да го оставаат во кантите за електронски отпад што ги има на повеќе локации во градот, но за жал во нив најчесто се фрла комунален смет од домаќинствата, односно овие канти не се користат наменски. Габаритниот електронски отпад, фрижидери, електрични шпорети, телевизори, се собира заедно со останатиот, по што на депонија тој се издвојува и одделно се складира“, информираа од ЈКП „Дервен“.
Проблем за чистотата во Велес е што дел од граѓаните оставаат кабаст отпад по јавните површини. Ваквата состојба остава грда слика по улиците. Отпад се фрла во и околу контејнерите за комунален смет, без граѓаните да знаат дека возилата за комунален смет не се предвидени за негово обирање, заради тоа што камионите може да се оштетат.
П. ПЕЧКОВ