ОПШТИНА БИТОЛА ЛАНИ ПЛАТИЛА 126.000 ЕВРА ОШТЕТА ЗА КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, 7 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД 2021 ГОДИНА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЛАНИ ПЛАТИЛА 126.000 ЕВРА ОШТЕТА ЗА КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, 7 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД 2021 ГОДИНАОд независната советничка група „Поинаку“ кои беа главни поборници да се реши проблемот со кучиња на хуман начин, велат дека со парите што се плаќаат за оштети, досега можеше да биде направен стационар.(Фото: СДК.МК)

    За три години дури за седум пати пораснал износот на пари што ги исплатила Општина Битола по тужби на граѓани каснати од кучиња. Од Опптина Битола потврдија дека лани, 2023 година, испатиле 7. 769.952 денари (126.340 евра). Според претходни изјави на општинските власти во 2022 година биле платени 2. 885. 115 денари (46.912 евра), а во 2021 година 1. 129.000 денари (18.350 евра).

    Иако во буџетот за 2023 година беа обезбедни 40 милиони денари да се направи голем стационар за бездомни животни кој требаше да го носи името „Хаџико“, се реализира договор за изградба на настрешница во функција на објект за ветеринарна заштита кој чини 4.132.399 денари. Тој ќе има капацитет за чување на 44 кучиња што е малку во однос на неофицијалните проценки со кои располагаат невладините организации дека низ градот ги има околу 400. Но, прифатилиштето, велат од Општина, ќе работи на принцип „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати односно вдоми“ кој на долг рок ќе го намали бројот на улични кучиња низ градот.

    Од независната советничка група „Поинаку“ кои беа главни поборници да се реши проблемот со кучиња на хуман начин, велат дека со парите што се плаќаат за оштети, досега можеше да биде направен стационар. Со тоа ќе беа заштитени битолчани и немаше да се одлеваат пари за оштети.

    „Прво добивме донација, изработен проект од битолска фирма врз основа на кој се доби одобрение за градба во 2022 година. Во буџетот за 2023 година беше предиведна целосната сума од 42 милиони денари за изградба на прифатилиште, но реалниот проект би бил околу 32 милиони денари. По ова, беше кажано во неколку наврати на неколку седници дека тоа се големи пари и дека нема да се реши проблемот со изградба на прифатилиште туку дека се ќе направи надворешниот дел со неколку боксови. Како може нешто што чини 4 милиони денари да го реши проблемот, а нешто што чини 40 милиони, иако сумата може да е и помала, да не го реши проблемот“,вели Габриела Илиевска од „Поинаку“.

    Од Агенцијата за храна и втеринарство која треба да даде дозвола за прифатилиштето да проработи велат дека постапката е во тек.

    Од Општина Битола соопштија дека прифатилиштето е во завршна фаза, а до отворањето економски оператор врши заловување и стручен третман на кучињата. Од ноември лани до февруари годинава заловени се 25 кучиња, а 23 се вратени на локацијата на заловување. Од Општината додаваат дека од Агенцијата извршен е увид, по што извршено е отстранување на забелешките и целиот процес се очекува да биде завршен многу брзо.

    „Просториите за држење и сместување на кучињата се состојат од 22 боксови за поединечно и групно сместување и држење на кучињата. Во секој бокс секое куче има на располагање куќарка или лежиште за спиење. Во еден бокс може да се сместат најмногу две компатибилни кучиња. Максималниот капацитет на боксовите за држење е 44 кучиња. Ова е транзитно прифатилиште, а целта е на овој начин да третира минимум 75 проценти од уличните кучињата во рамките на шест до осум месеци, по што ќе отпочне нов период за третман на минимум 75 проценти од преостанатиате кучиња“, велат од Општина Битола.

    Во државата има 27 прифатилишта за улични кучиња, со најголем капацитет за згрижување на 140 кучња е ЈП „Лајка“ од Скопје.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира