Наносите од дрва на мостот на Вардар кај Башино Село со машина се земаат од водата, се складирaат на мостот и потоа повторно се пуштаат во реката низводно преку другиот раб на мостот, се гледа на видеоснимка за расчистување на дрвјата кои се закачени на столбовите од мостот, објавена на социјалните мрежи.
„Зошто дрјвата повторно се враќаа во реката, кога низводно од тој мост само во Велес има уште три, каде може труповите да се закачат? Тоа ќе предизвика ново чистење, нов ангажман на механизација, ново трошење пари. Наместо да се соберат и да се искористат за други намени, стеблата се враќаат во Вардар“, велат велешани.
САКАМДАКАЖАМ.МК пред 4 дена испрати прашање до ЈП „Државни патишта“ за тоа која фирма го вршеше чистењето на мостот на Вардар кај Башино Село, и зошто дрвјата се вратени во реката, но нема одговор. Поранешен вработен во локалната власт ни ги кажа искуствата од минатите години, кога мостот беше под нивна надлежост.
„Големите дрва кои беа прикачени на столбовите од мостот ги откачувавме со механизација и ги пренасочувавме да пловат по Вардар. Поради нивната големина и тежината не можевме да ги кренеме. Помалите ги кревавме, потоа ги складиравме и ги користевме за различни намени“, кажа соговорникот кој сака да остане анонимен зашто не е овластен за официјални изјави.
Мостот на Вардар кај Башино Село беше затворен за сообраќај на 2 април поради високиот водостој на реката, соопштија тогаш од ЈП „Македонија пат“. Откако беа исчистени дрвјата, на 3 април во попладневните часови мостот повторно беше отворен за сообраќај. Овој мост поради нарушената стабилност од 3 јануари до 3 март беше затворен за сообраќај, а потоа пуштен со времен режим. Возилата наизменично се пуштаат преку него, а тоа се регулира со светлосна сигнализација.
П. ПЕЧКОВ