Од 2019 до моментов во буџетот на Општина Центар се слеале над 4 милиони евра, наплатени со основ на судски пресуди, договорни казни и активирање на банкарски гаранции. Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека поради ефикасното работење финансиската состојба на општината не била никогаш подобра.
„Од преземањето на функцијата градоначалник заедно со новото општинско раководство, раздолжени се над 2 милиони евра заостанати општински долгови и општинската каса е полна. Овој месец ја исплативме и последната рата од кредитот за изградбата на катната гаража ‘Судска Палата‘, што е уште една потврда за економското и ефикасно работење. Сметката е полна и Општината е во одличната финансиска кондиција“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.
Кредитот за изградба на катната гаража во 2,5 милиони евра беше подигнат во 2011 година. Со кредитот се финансирала изградбата на катната гаража „Судска Палата“, која заврши кон крајот на 2012 и во моментов, во склоп на гаражата се наоѓаат и административните простории на општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Подигнатиот кредит имаше рок на отплата од 10 години, со грејс период од 2 години.
А. АНТЕВСКА