НАРЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ИЗГРАДБАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    НАРЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ИЗГРАДБАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАПосле прекин на градежните работи од две години, Владата ја презема целосно концертната сала од Град Скопје и ќе ги продолжи градежните работи. (Фото: К. Попов)

    Наредната недела ќе продолжи реконструкцијата на Универзална сала во Скопје, најави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Конечно, после прекин на градежните работи од две години, Владата ја презема целосно концертната сала од Град Скопје и ќе ги продолжи градежните работи.

    Костадиновска-Стојчевска кажа дека градоначалничката Данела Арсовска не им ја предавала документацијата за салата, па затоа толку многу се одложило продолжувањето на реконструкцијата.

    Поминавме еден многу интересен период во однос на примопредавањето на документацијата за Универзална сала. Од Град Скопје со месеци слушавме разни изговори зошто не можат да ја предадат документацијата. Кога сфативме дека нема никаков одговор тргнавме во прибирање на документација по потешкиот пат, преку Министерството за правда и сите инволвирани институции. Сега треба да се потпише само банкарската гаранција и наредната недела стартуваат градежните работи“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за годишната програма за култура.

    Универзална сала почна да се реконструира во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Градежните работи за првата фаза, надворешноста, почнаа во септември 2021 непосредно пред локалните избори. Се работеше нецел месец, по што со доаѓањето на фунцкија на Арсовска работите беа стопирани и салата две години стои разурната и отворена. Арсовска тогаш велеше дека нема да ја гради Универзална сала оти проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден, за што се искара и со проектантот, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и министерката Костадиновска-Стојчевска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира