НАРЕДНИТЕ 6 МЕСЕЦИ ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ МЕРИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ НА ТРИ ЛОКАЦИИ

    НАРЕДНИТЕ 6 МЕСЕЦИ ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ МЕРИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ НА ТРИ ЛОКАЦИИДо крајот на неделава мерни станици ќе се постават во центарот на градот, во населба Шорка и во Нова населба.(Фото: СДК.МК)

    Со три мерни станици ќе се мери квалитетот на воздухот во Велес. До крајот на неделава мерни станици ќе се постават во центарот на градот, во населба Шорка и во Нова населба.

    „Мерните станици се дадени на времено користење од шест месеци. Измерените вредности граѓаните ќе можат да ги следат на веб страницата на ‘Вила Зора‘. Ќе се мeрат ПМ 10, ПМ 2,5 честички, сулфур диоксид, амониум нитрат, брзина на ветер, температура, влажноста на воздухот, воздушен притисок, како и бучава  во градска средина“, изјави Сашка Коцевска од еколошкото друштво „Вила Зора“.

    Мерните станици се според европските стандарди за квалитет на воздух и се изработени по проект добиен од Фондот за иновации. Сензорите се од познати светски производители, сертифицирани во Европа кои даваат најголема точност во мерењата. Вакви мерни инструменти има поставено во Скопје и Куманово.

    Одговарајќи на новинарско прашање Ванчо Орданоски од „Инфо проект“ кои заедно со „Вила Зора“ го спроведуваат проектот кажа дека е можно да има различни резултати од оние кои ги покажуваат мерните инструменти на Министерството за животна средина бидејќи сите не се наоѓаат на иста локација.

    Иако во стариот дел на Велес има висока загаденост поради начинот на затоплување на домовите, таму нема да се мери квалитетот на воздухот. Од „Вила Зора“ објаснија дека населба Шорка е земена  како компарација, бидејќи таму имало најмалку загадувањето на воздухот во градот, додека во Центар и Нова населба имало високи измерени вредности и сакале тоа да го покажат во пракса, па затоа се одлучиле за овие три локации.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира