Нелегитимни студентски претставници и студентски парламенти кои не функционираат се главните причини поради кои студентите во Македонија покренуваат иницијатива за реформи на студентското организирање. За тоа, какво студентско организирање сакаат и каков студентски парламент сакаат, студентите побараа мислење и предлози од своите колеги од универзитетите во Штип, Битола, Тетово и Скопје. Нивната цел е да се направат функционални студентски тела кои на вистински начин ќе ги претставува нивните потреби на факултетите и универзитетите во нашата земја.
„Јасно е дека ќе има промена на Законот за високо образование и токму затоа сакаме да ги собереме мислењата на студентите и врз основа на тоа да направиме препораки кои ќе ги доставиме до министерството за образование и наука за да можат тие да се внесат во промените на Законот. Овие проблеми на универзитетите каде студентските парламенти не функционираат, ништо не прават за студентите и не ги одразуваат нивните потреби, не се од сега туку се влечат со години наназад поради што и ги бараме овие промени. Како најголеми препораки кои досега ги дадоа студентите се тие дека студентскиот парламент мора да биде во рамките на универзитетот за да има финансиска отчетност за да се знае што точно работи тој парламент, потоа одржување на легитимни избори и нивно одржување во академската година, како и да се дадат поголеми ингеренции на студентскиот правобранител“, изјави Мартина Илиеска од Младински образовен форум.
Во препораките од студентите посебно се нагласува да се зголемат ингеренциите на студенскиот правобранител како орган кој директно се грижи и се бори против нарушувањето на правата на студентите.
„Има нарушување на правата на студентите и тие се од најразлични видови и токму затоа студентскиот правобранител како орган мора да влезе во Законот и да биде присутен на сите универзитети. Исто така, многу важна работа е како треба да се бира Студентскиот правобранител за тој да биде легитимен претставник на студентите и така да ги брани интересите на сите студенти. Тоа треба да биде орган кој ќе има претставници на сите факултети и треба да има соодветни механизми за успешно вршење на оваа работа“, рече Енкелеј Ајази, Студентски правобранител на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Вакви јавни консултации за новото студентско организирање на кои присуствуваат студенти, професори и студентски организации досега се одржани во Штип на Универзитетот „Гоце Делчев, во Битола на Универзитетот „Свети Климент Охридски, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а наредната недела ќе се одржи на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
З. АНДОНОВ