НАЦИОНАЛНИ ШУМИ БАРААТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА ЗАШТИТА ОД БОРОВ ЧЕТНИК ВО ПРИЛЕПСКО-БИТОЛСКИОТ, КУМАНОВСКИОТ, КОЧАНСКИОТ, СВЕТИНИКОЛСКИОТ И ШТИПСКИОТ РЕГИОН

    НАЦИОНАЛНИ ШУМИ БАРААТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА ЗАШТИТА ОД БОРОВ ЧЕТНИК ВО ПРИЛЕПСКО-БИТОЛСКИОТ, КУМАНОВСКИОТ, КОЧАНСКИОТ, СВЕТИНИКОЛСКИОТ И ШТИПСКИОТ РЕГИОНМеѓу Свети Николе и Ѓуриште во близина на селото Трстеник на повеќе од 200 хектари се простира густа борова шума која веќе серизно е нападната од боровиот четник и е пред уништување. (Фото: СДК.МК)

    Прилепско-битолскиот, кумановскиот, кочанскиот, светиниколскиот и штипскиот регион се најзагрозени од боровиот четник, кој има зафатено неколку илјади хектари со борова шума која полека, но сигурно, поради болест се суши и уништува. Тоа е оценката на Секторот за заштита на шумите во Македонија кој како дел од ЈП „Национални шуми“ редовно изготвува извештаи за ширењето на болеста боров четник.

    Од нашата прошетка по овие региони, највпечатлива беше во светиниколскиот регион и тоа од пределот на градот Свети Николе кон месноста Ѓуришта, каде на повеќе од 200 хектари се простира непрегледна борова шума која била засадена во 70-те години од минатиот век. Боровиот четник е највпечатлив во близина на селото Трстеник.

    На повеќе места покрај патот, но и во внатрешноста на шумата минувачите можат да забележат пожолтени борови дрвја, испреплетени со пајажини што ги создава боровиот четник. Тој полека го подјадува листот и коренот од дрвото и го суши и уништува. Ларвата може да биде опасна и за луѓето кои ако имаат допир со гасеницата се предизвикува алергија и иритација на очите.

    Во разговорот со неколку раководители на подружници на „Национални шуми“ од кои некои се со над 30-годишно искуство чувме дека од последната заштита од боровиот четник била пред 10 години. Тие, како подружници, секоја година подигнуваат насади со борова и слична шума на нови локации, но и ги обновуваат оние кои биле опожарени. Тоа посебно се однесува за регионите кои имаа шумски пожари во битолскиот и велешкиот регион, во светиниколскиот кај месноста Кадрифаково, Богословец и Мездра каде изгореле над 100 хектари борова шума.

    Слична е состојбата и со боровата шума во битолско-прилепскиот регион, но и во атарот на Штип кај таканаречената Мирјанина црква и кај Кочани кон врвот Пониква. Опасноста од боровиот четник кој се шири во овие региони го потврдуваат и од Секторот за заштита на шумите при ЈП „ Национални шуми“.

    „На ниво на цела држава се врши ново пошумување, но и обновување на опожарената шума. Добро е што боровата шума знае и самата да се обновува, но боровиот четник кај нас со години е постојана закана. Овој проблем е евидентиран и во последниот извештај што го изготвувавме и го пративме до сите надлежни институции“, вели директорот на Секторот за заштита на шумите, Никола Киров.

    Тој објаснува дека во овој период нема никаква заштита од боровиот четник кој вирее и се потхранува под земја, а во летните месеци ларвите излегуваат, па дури во септември или октомври најефикасна е заштитата од боровиот четник, но и од разните други габи што исто така ја напаѓаат боровата шума. Тоа го прават врз основа на извештаите на подружниците по градови и региони кои поднесуваат извештаи за појава на болести на шумата. Кога екипите на Секторот за заштита тоа ќе го утврдат на лице место се доставуваат комплетни извештаи до Катедрата за заштита и дијагностика на Институтот и Факултетот за шумарство кои подоцна заедно со нив ги проследуваат овие информации до Министерството за земјоделство и шумарство.

    Според Киров, Секторот за заштита за оваа година смета на авионски третман против боровиот четник кој може да опфати најголем простор и тоа на региони кои најмногу се загрозени со оваа болест. Во предвид доаѓа и мерката сеча на заболените дрвја, но оваа заштита е поскапа и ќе опфаќа помали шумски појаси.

    „Министерството за земјоделство и шумарство најпрвин треба да изврши ребаланс на буџетот и да предвиди средства за заштита. Во план е авионска заштита на 2.000 хектари во Штипско , речиси исто толку во Кочанско во пределот на Пониква, па Свети Николе, потоа во регионот на Куманово и прилепско-битолскиот регион“, вели Киров кој додава дека последната заштита била во 2010 година па токму заради тоа овој проблем треба да се третира на највисоко ниво и државата со сите расположиви институции да преземе конкретни и ефикасни мерки за заштита на шумите од боровиот четник и другите штетници.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира