НЕ ФРЛАЈТЕ БАТЕРИИ И ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА В ЕЗЕРО, НЕМА ДА СЕ НАПОЛНАТ, КАЖА АКТЕРОТ ТУЛИЕВ НА СТАРТОТ НА ГОЛЕМАТА АКЦИЈА НА ЧИСТЕЊЕ НА ПРЕСПА

    НЕ ФРЛАЈТЕ БАТЕРИИ И ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА В ЕЗЕРО, НЕМА ДА СЕ НАПОЛНАТ, КАЖА АКТЕРОТ ТУЛИЕВ НА СТАРТОТ НА ГОЛЕМАТА АКЦИЈА НА ЧИСТЕЊЕ НА ПРЕСПАВо акцијата „Чиста Преспа, моја Преспа“ се вклучија и јавни личности (Фото: СДК.МК)

    „Секој двор да си го исчистиме за да ни биде убав и достоен за да ни дојдат гости. И да не фрламе батерии и пластични шишиња в езеро, зашто нема да се наполнат нит батериите, нит шишињата. Се фрлат во корпа! И кога ќе ни дојдат туристите в година, ќе ги истренираме и тие да ни ја чуваат природата. Преспа ни е една и да ја чуваме луѓе“, ваква духовита порака упати актерот Владимир Тулиев од серијата „Преспав“ на почетокот на едномесечната акција за чистење на дивите депонии во Преспа.

    Акцијата „Чиста Преспа, моја Преспа“ ја покрена општината, ангажирајќи јавни личности, меѓу кои и актери од „Преспав“, да помогнат во јакнењето на свеста кај луѓето да не се фрла отпад на недозволени места и да не се создаваат диви депонии.

    „На Светски ден на животната средина започнуваме кампања за чистење на дивите депонии и уредување на плажите во Преспа, која ќе трае еден месец. Ќе се чистат плажите во Стење, Коњско, Претор, Природниот парк Езерани и островот Голем Град. Секој нека тргне од својот двор, улица, од своето маало, а ние како општина со сите ресурси ќе се потрудиме да ја направиме Преспа најчиста во нашата држава“, рече градоначалникот Живко Гошаревски.

    Во близина на Преспанското Езеро има 17 депонии кои ќе се исчистат, а се проценува дека ќе се соберат 600 тони отпад. Ангажирано е ЈП „Пролетер“, како и друга фирма за чистење на поголемите депонии. Воедно ќе биде уредена површина од еден километар со плажи.

    „Просторот на дивите депонии комплетно ќе ги затвориме. Инспекцискиот надзор ќе биде на уште поголемо ниво, а крајно решение би било интензивирање на казнената политика“, рече Ајман ал Малла, раководител на Секторот за животна средина во Ресен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира