Матурантката Ања Спасовски од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово освои бронзен медал на Меѓународната олимпијада по хемија во Кина, која се одржа онлајн. На ова натпреварување учествуваа 333 ученици од 83 земји.
„Горда сум на постигнатиот успех, но и свесна дека треба да се одржи квалитетот. Во изминатиот период бев многу посветена, но имаше и многу одрекувања за да стигнам дотука. Знам дека пропуштив многу искуства кои ги имаат моите врсници, но не жалам поради тоа“, вели младата девојка.
Ања ќе го продолжи образованието на Факултетот по хемија и хемиска технологија во Љубљана. Го избрала овој факултет затоа што ги има сите предуслови за развој на еден млад научник.
„Веќе аплицирав и ги чекам резултатите. Се одлучив да студирам таму главно поради тоа што кај нас нема доволно практична настава, а ги имаме речиси истите предмети и се учи од слична литература. И на нашиот факултет има многу добри професори, ама тука нема средства за практична настава и тоа е голем хендикеп. А, во науката, теоријата не значи ништо без праксата. Мене ме интересираат физичката и органската хемија. Многу се радувам што ќе излезам од Куманово“, искрена е Ања, која додава дека професионален развој гледа во Швајцарија.
Ања признава дека нејзина прва љубов била музиката и себеси се гледала како пијанистка која ќе ги полни престижните светски сали. Не знае што точно се случило толку да ја засака хемијата, но не се кае поради тоа.
„Пресвртот се случи некаде во 8. одделение, откако учествував на неколку натпревари по хемија. После тоа искуство хемијата ми стануваше сè поинтересна. Веќе во прва година средно подлабоко навлегов во тајните на оваа наука и се заљубив во неа. Сфатив дека сакам да се занимавам со неа цел живот. Ме фасцинира тоа што хемијата е насекаде околу нас, не можеме без неа, но ретко кој го гледа тоа. Мојата визија е хемијата да се користи за да се подобри животот на луѓето, а не да се уништува“, вели Ања.
Таа е првото девојче од државата кое освоило медал на олимпијада по хемија, пред неа биле само машки.
За заминувањето на младите од државата Ања ги обвинува луѓето кои ги креираат државните политики. Смета дека на децата кои сакаат да учат и да ја градат земјата не им се дава простор дури ни во медиумите.
„Ние освоивме висока награда, а скоро никој не објави за тоа. Ретко кој става акцент на таквите работи. Имаше високи достигнувања и на ученици по математика и физика, ама никој не слушна за нив. На вести ги гледаме истите луѓе, политичарите. Второ, не се издвојуваат доволно средства за образование и која ни е целта да останеме тука кога знаеме дека надвор ќе ни биде подобро и ќе бидеме повеќе ценети. Не дека нема да ми фали нашата држава, ама овде нема преспектива. Ако останам, најголемото професионално достигнување ќе ми биде професор во средно училиште, а јас не го сакам тоа“, вели нашата млада олимпијка.
Покрај Ања, македонската олимписка репрезентација ја сочинуваа и Дарко Стојчев, матурант во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, кој исто така освои бронзен медал и Филип Бојаџиевски од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. За натпреварот ги подготвуваа професори од Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и нивните ментори од средните училишта.
С. НИКОЛИЌ