Иако веќе не е дел од новиот советнички состав, поранешната претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, денеска се појави во салата и како граѓанка ја следеше седницата на која ќе се носи Буџетот за 2026 година.
Илиевска на Локалните избори во октомври беше кандидатката за градоначалничка од „Поинаку“ и освои 21, 80 проценти од гласовите, што беше првпат во политиката во Битола на второ место по број на гласови да избие независен кандидат.
„Ова ми го налага обврската што ја имам како некој што добил поддршка од 8.000 граѓани, второ како некој кој сака да живее во подобар и поубав град. Не мора некој да има политичка функција, да биде платен од граѓаните, да користи државни пари, па само тогаш да се грижи како се трошат парите на граѓаните, на кој начин се распоредуваат во програмите и во каква средина живеат. Моето присуство тука ќе биде континуирано во интерес на Битола“, рече Илиевска.
„Поинаку“ во новиот Совет е застапенa со 4 советници кои на денешната седница излегоа со повеќе предлози за надополнување на дневниот ред, но им беа отфрлени од мнозинството. Ова е трет Совет во кој „Поинаку“ има советници. Во првиот имаа два, a во вториот три.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



