Советничкото мнозинство не го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница да се расправа за разрешување на претседателката на Советот Габриела Илиевска од независната советничка група Поинаку. За ваквиот предлог на Бојан Бојкоски, кој освен координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ е и заменик-градоначалник, „за“ гласаа 13 советници од неговата партија и коалицијата, „против“ 16 советници од Поинаку, СДСМ и коалицијата, а двајца советници од Левица беа воздржани.
„Навистина ми е криво што не ја сфатив прiчината зошто градоначалникот влезе и излезе, бидејќи ова е многу важна седница на која носиме програми на Општината и каде истите се на негов предлог. Но, очигледно костумот со кој сакаше да прогласи дека нема да има претседател на Советот џабе го облече сабајле. Нeма да држам политички говор, но на колешката (од ВМРО-ДПМНЕ) ќе ` го честитам вработувањето од пред 2 години кое го доби со поддршка на советниците кои денес ги плукате. Во моментот кога кажавме дека не поддржуваме такви работи, ние не чиниме“, рече Илиевска.
Советниците на Поинаку до пролетта беа дел од мнозинството во Советот заедно со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа го напуштија, како што изјавија, незадоволни од реализацијата на ветените проекти. Од тогаш Советот имаше изгласано ребаланс на буџетот со повеќе амандмани од опозицијата, па разрешување на управните одбори на дел од јавните претпријатија кои беа во долгови, а со кои управуваат директори од ВМРО-ДПМНЕ. Денес Илиевска побара смена на претседателите на Комисиите за спорт и млади, комунални дејности, економски равој, урбанизам и јавни дејности за што ќе се разговара на крај на седницата.
По ова, градоначалникот Тони Коњановски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, одржа прес-конференција на која обвини дека и официјално се сведоци на новата коалиција во Советот на Општина Битола, составена од СДСМ и Поинаку.
„Со поддршка од општинската администрација изготвени се предлог-програми кои не се популистички, туку реални потреби за 2024 година за продолжување на инфраструктурните проекти, поддршката на спортот, социјалната заштита, образованието, културата. Зад секоја кочница на реализацијата, одговорноста пред граѓаните ќе мора да ја понесе новата коалиција на СДСМ и Поинаку која повеќе од очигледно е долго време планирана, па оттаму доаѓа и одговорот зошто проектите и општинската работа во континуитет се кочат“, рече Коњановски.
Илиевска возврати дека во Советот ги бранат ставовите на граѓаните, а не на политичките партии.
Жаклина Наумовска, советничка од СДСМ, рече дека тие се во коалиција со граѓаните и само таа колаиција ја признаваат. Додаде дека како што не дозволија да биде сменета претседателката Илиевска, така денес ќе ги поддржат програмите предложени од ВМРО-ДПМНЕ за да видат како ќе го реализираат она што го нудат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА