Од почетокот на месецов не се мери нивото на реката Вардар низ Велес. Овој податок го снема од дневниот билтен на Управата за хидрометеорологија на Македонија (УХМР). Од УХМР велат дека се бара нова, попристапна локација за мерна станица.
„Мерената страница во Велес за нивото на реката Вардар се наоѓа на Стар мост, и постојано е опкружена со паркирани автомобили. Тоа создава тешкотија во работата за мерењето на вредноста. Работиме со локалната власт да најдеме попристапно место каде да се постави мерната станица, која би била автоматизирана и податоците веднаш би доаѓале до центарот во Скопје“, кажаа од УХМР, отфрлајќи ги неофицијалните информации дека поради малиот хонорар пензионерот која ја вршел работата секојдневно ја откажал соработката.
Вредностите од УХМР за состојбата за нивото на Вардар во Велес ги користи и Центарот за управување со кризи. Од таму велат дека тие засега се снаоѓаат со премостување на податоците и ги користат мерните места на Вардар кои се низводно од Велес.
П. ПЕЧКОВ