НЕ СЕ НАЈДЕНИ НИТУ ПАРИТЕ, НИТУ РАЗБОЈНИЦИТЕ КОИ УКРАДОА 150.000 ЕВРА ОД СОПСТВЕНИК НА МЕНУВАЧНИЦА ВО КУМАНОВО

    НЕ СЕ НАЈДЕНИ НИТУ ПАРИТЕ, НИТУ РАЗБОЈНИЦИТЕ КОИ УКРАДОА 150.000 ЕВРА ОД СОПСТВЕНИК НА МЕНУВАЧНИЦА ВО КУМАНОВОРазбојниците го запалиле возилото со кое што го извршиле грабежот. (архивска фотографија)

    Уште се трага по разбојниците кои пред 12 дена во филмски грабеж украдоа околу 150.000 евра од сопственик на менувачница во Куманово.

    Од Основното јавно обвинителство во Куманово велат дека истрагата е во тек, подигнати се докази од местото на настанот, се прегледуваат безбедносните камери, а запалениот автомобил е предаден на вештачење. Во меѓувреме 4 лица се повикани на информативен разговор, но никој не е задржан.

    „На 16 март приведени се М.А.(28) и Е.А.(32), двајцата од с.Буковиќ, скопско. На 24 март приведени се Ш.Б.(32) и К.Д.(26) двајцата од Косово, Ш.Б. евидирал по барање на СВР Куманово, а во врска со кривично дело „разбојништво“, информираа од МВР.

    Од СВР Куманово не сакаат да дадат информација во интерес на истрагата.

    Вооружениот грабеж се случи на 15 март во 20.20 часот, на ул. Доне Божинов, додека сопственикот на менувачница се враќал дома од работа. Напаѓачите му го пресекле патот, по што со закана со пиштол ги одзеле парите и побегнале. Во торбата имало разни девизи и денари во вредност од околу 150.000 евра.

    „Во 20.20 часот на улицата Доне Божинов во Куманово патничко моторно возило ‘ренџ ровер’ со скопски регистарски ознаки удрило во патничко моторно возило ‘пасат’ со кумановски регистарски ознаки управувано од С. С. (63) од Куманово. При што, неколку лица пукале кон возачот на патничкото моторно возило ‘пасат’ и му одзеле торба со пари, а подоцна го запалиле патничкото моторно возило ‘ренџ ровер“, соопшти тогаш СВР Куманово.

    Неофицијално, сопственикот на менувачницата бил следен со едно возило, а другото го чекало на половина пат до куќата. Откако му го пресекле патот излегле две вооружени лица, кои со рачка од пиштол го удриле во главата и му ја одзеле торбата од задното седиште, испукале и неколку куршуми во воздух за да го заплашат. Потоа го запалиле оштетениот џип и се префрлиле во другото возило кое ги чекало. Со голема брзина побегнале кон излезот на Куманово. Случајни минувачи помогнале пожарот да не се прошири и на пасатот на сопственикот, кој од судирот на двете возила се здобил и со повреда на ногата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира