НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ЌЕ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ВЕЛАТ СО ВАКВА ПРАВНА ПРАЗНИНА СМЕ СЕВЕРНА КОРЕЈА

    НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ЌЕ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ВЕЛАТ СО ВАКВА ПРАВНА ПРАЗНИНА СМЕ СЕВЕРНА КОРЕЈАОставена е правна празнина откако Уставен суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи. (Фото: СДК.МК)

    Не се знае дали независните граѓански иницијативи ќе можат да учествуваат на Локалните избори во октомври, ниту пак на политичките партии им е грижа за тоа. Оставена е правна празнина откако Уставен суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите.

    Денеска седум граѓански иницијативи, „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“, „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово, поднесоа барање до Собранието и до Министерството за правда да се направат итни измени на Изборниот законик со кои ќе се реши оваа празнина.

    По одлуката на Уставниот суд, старите одредби не се враќаат во сила, па непознато е под кои услови независните кандидати ќе можат да настапат на изборите што претставува прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во член 23 од Уставот. Македонија со ова е на листата на држави кои не покажуваат никакви демократски капацитети. Со ова не сме Северна Македонија туку сме Северна Кореја, таму не е дозволена настап на независти кандидати. Оттука, бараме во најскоро можно време да добиеме одговор дали во моментов е можно кандидирање со поднесување листа на независни кандидати. Апелираме на разјаснување и итно да се пополни настанатата правна празнина. Ако е потребна измена на Изборниот законик, бараме итно да започне со работа работната група при Министерството за правда којашто ќе ги предложи до Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик. Во спротивно, евентуалното непостапување на Министерството и на законодавецот би значело дополнителна повреда на одредбите од Уставот за правото да се избира и да се биде избран“, рече Јана Белчева од „Шанса за Центар“.

    Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ вели дека во отсуство на дадени услови и критериуми треба да биде отворена, а не затворена можноста за кандидирање независни листи.

    Во моментов, за жал, останува да се толкува законот од страна на Собранието и Државната изборна комисија. Тие можат да речат ‘знаете што ние на друг начин го толкуваме законот и едноставно нема да ги прифатиме вашите поднесоци за локалните избори‘ и со тоа на независните ќе им се оневозможи учество на изборите“, вели Јовановски..

    Граѓанските иницијативи бараат Министерството за правда и Собранието да ги вклучат и независните кандидати во работната група која ќе ги формулира одредбите за измена и дополнување на Изборниот законик. Со измените на Изборниот законик да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни листи, да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидат/и за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка.

    Исто така, бараат да се применува законската обврска за пристап до Избирачкиот список на сите учесници на изборите, вклучително и независните и да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира