Нашата компанија не прекршила ниту еден закон и ги исполнуваме сите технички услови, велат од ќебапчилницата „Тетекс“ откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави пријава од станарите во зграда на улица Орце Николов во скопски Карпош. Станарите до сите институции испратиле жалби дека ќебапчилницата која се наоѓа во деловен објект на зграда нема соодветна вентилација, па затоа стравуваат од пожар, а миризбата на ќебапи им влегува дома.
По објавата на текстот од ќебапчилницата испратија реакција во која велат дека не прекршиле ниту еден закон, но спремни се да разговараат со станарите и да ги чујат нивните предлози.
„Компанијата за конкретната подружница ги има исполнето сите технички и условни спецификации наложени од надлежните и управните органи кои имаат извршено увид во локалот во форма на инспекциски надзор. Од сите инспекциски контроли кои биле извршени во споменатиот локал не се констатирани недостатоци и неправилности. Им стоиме на располагање на граѓаните и очекуваме да ни дадат писмен предлог со решение во рамки на Законот со кој би биле задоволени нивните потреби. Предлогот ќе го разгледаме заедно со нашиот тим на соработници и ќе се обидеме да ги задоволиме нивните условни барања доколку се валидни. Воедно, ги замолуваме да не злоупотребуваат големи трагедии на сметка на лично незадоволство и да не шират шпекулации“, велат од „Тетекс грил“.
Граѓани преку алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК Пријави корупција доставија документи за битката која ја водат со државните институции за работата на ова ќебапчилница чиј отвор за вентилација е неправилно изведен, а како што велат, спорно е и дали воопшто има исполнување на условите за заштита од пожар и елаборат за противпожарна заштита.
Пет години, жителите во зграда на улицата Орце Николов број 206 спроти Машински факултет во скопски Карпош живеат во страв дека зградата ќе се запали, поради несоодветно изградена вентилација на ќебапчилница која се наоѓа во деловен објект во нивната зграда. Неправилно изведениот вентилациски отвор е причина и за ширење на неподнослива миризба и чад, која го оневозможува нормалното живеење и користење на сопствените посебни единици на станарите, за кои проветрувањето на воздухот или пиењето кафе на тераса е незамисливо, а дел трпат и економски последици бидејќи ниту еден потстанар не се задржува во станот.
Од Општина Карпош на поплаките на граѓаните велат дека извршиле инспекција и констатирано е оти нема загадување од миризбата, а ќебапчилницата има Елаборат за заштита на животната средина. Од Пазарната инспекција, пак, помош побарале од Инспекторатот за животна средина и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) оти таа немала надлежност да постапи.
А. АНТЕВСКА