НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ БЕНЗИНСКАТА ПУМПА НА „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ КАЈ БАЗЕНОТ ВО КАРПОШ ДОДЕКА УСТАВЕН СУД НЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ ПЛАНОТ Е ЗАКОНСКИ

    НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ БЕНЗИНСКАТА ПУМПА НА „ПУЦКО ПЕТРОЛ“ КАЈ БАЗЕНОТ ВО КАРПОШ ДОДЕКА УСТАВЕН СУД НЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ ПЛАНОТ Е ЗАКОНСКИНа 3 март лани со 16 гласови „за“ од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ, Советот на Општина Карпош го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05.(Фото: СДК.МК)

    На просторот кај базенот во рамките на СЦ „Борис Трајковски“ во Општина Карпош не смее да се гради бензинска пумпа. Уставен суд почна постапка за оценување на уставноста на Деталниот урбанистички план за овој дел од Општината. Додека трае постапката и се одлучи дали планот е уставен или не, тој не смее да се извршува.

    „Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за Одлука на Советот на Општина Карпош од 03.03.2022 година за донесување на ДУП за Градска четврт 3. 04, Блок 3 04.05. Со поведувањето на постапката Уставниот суд изразува сомнеж во уставноста,но и законитоста на ддлуката за ДУП со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во Општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура“, велат од Уставен суд.

    Уставниот суд во оваа фаза оцени дека тој ДУП не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото.

    На 3 март лани со 16 гласови „за“ од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ, Советот на Општина Карпош го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05. Против планот беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица, кои не ни присуствуваа на вонредната седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на ДУП-от.

    Со ДУП-от на празниот простор пред ВИП Арена „Борис Трајковски“, паралелно со булеварот 8 Септември се предвидува бензинска пумпа, како и нова улица која ќе минува покрај терасата на базенот. Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе е продадено на фирмата „Пуцко Петрол“ и поради тоа градоначалникот Стевчо Јакимовски тврдеше дека мора итно да се донесе планот, во спротивно Општината ќе биде тужена. За овој план Јакимовски се скара и со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, само неколку месеци откако дојдоа на функција, велејќи дека не му се јавува и го кочи донесувањето на планот, а на Општината ѝ се заканува тужба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира