Нивото на водата во Охридското Езеро е видно намалено оти долг период нема дожд. Според експертите, ова е типична појава по долг сушен период, а повторно покачување на нивото се очекуваат по евентуални врнежи од дожд и снег во наредниот период. Според последните официјални мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) водостојот е на кота од 693,13 м.н.в, што е за 16 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,29 м.н.в), 4 сантиметри под природната кота (693,17 м.н.в.) и само 3 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Инженерите заживотна средина загрижено велат дека мора да се преземат мерки за регулирање на нивото на водата кое се испушта кај истекот на реката Црн Дрим во Струга за потребите за производство на електрична енергија.
„Охридско Езеро не смее од природен резерват да се претвора во акумулационен базен. Големи површини од езерското дно остануваат суви, а тоа значи изумирање на многу ендемични растителни и животински видови“, велат стручњаците.
Од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) велат дека одговорно се управува со испустот на вода, согласно одредбите од водостопанската дозвола издадена од надлежниот орган. Додаваат дека се води сметка за минималната кота која изнесува 693.10 м.н.в и која обезбедува биолошки минимум и истата нема да се надмине.
Според хидрометеоролошките показатели, средната годишна температура е постојано повисока од повеќегодишниот просек, а постои генерален тренд во опаѓањето на количеството на врнежи. Истражувањата покажуваат дека до средината на овој век глобалната температура ќе надмине затоплување од 1,5 °C во однос на втората половина од 19. век.
Ѓоко Зороски, инженер по животна средина, вели дека климатски промени сè повеќе се чувствуваат во Охридскиот Регион. Доказ за тоа се долготрајните сушни периоди во изминативе години и исклучително топлите лета.
„Тоа ќе повлече закана од понатамошни пожари со обем какви што беа ова лето, кога изгоре голема шумска покривка. А шумите, од друга страна, се своевиден амортизер во борбата против климатските промени. Исто така, се прогнозира дека ќе нè очекуваат поинтензивни врнежи за кратки периоди, меѓутоа вкупната сума ќе биде најверојатно помала. На пример, во октомври оваа година во Охрид наврнаa околу 55 милиметри воден талог, сконцентрирани во два дена, додека останатиот дел од месецот не падна капка дожд“, вели Зороски.
Според него, ваквата состојба ќе ги промени условите за одгледување на земјоделските култури во нашиот регион, а можна е и појава на нови болести од нови инсекти кои ќе најдат погодни услови за развој, кои претходно ги немало.
„Исто така, ќе се зголеми испарувањето од езерото и ќе доаѓа до негово намалување, со чести скокови од сушни периоди и ненадејни големи врнежи, а тоа ќе се одрази на живиот свет во него. Зголеменото темпо на урбанизација во градот неповолно влијае со создавање таканаречени топлински острови кои уште повеќе ќе ги зголемуваат летните темпертури, а на зима ќе придонесуваат за зголемени загадувања на воздухот поради ефектот на лавиринт од кој нема проветрување. Сѐ на сѐ човекот е најголем двигател на овие промени, но и најголемиот губитник од истите, здравствено и економски“, смета Зороски.
Д-р Орхидеја Тасевска, научна советничка и директорка на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид вели дека повлекувањето на водата негативно влијае врз живиот свет оти кајбрежната зона е несомнено една од главните населени области на езерото. Таа се протега од брегот сè до длабочина од приближно 18-20 метри.
„Во ниедна друга зона од езерското дно нема толку разновидност во однос на карактерот и изгледот на дното како во крајбрежната и од сите зони на езеското дно, литоралот е несомнено најбогат по бројот на видови растителни и животински организми. Секоја промена на условите во едно живеалиште или негова деградација, значително се одразуваат на животата заедница во него, влијаејќи врз нејзината бројност, животен циклус, а во најлош случај водат и до нејзино потполно исчезнување“, вели Тасевска.
Според неа тоа повлекува реперкусии и врз езерото во целост, бидејќи екосистемот е бескрајно сложен, а во исто време и изразито динамичен систем на взаемно поврзани делови кои влијаат едни на други, директно или индиректно.
„Секоја промена на било која алка во сплетот на односи кои владеат во акватичниот екосистем, повлекува по себе промени во пространството на целиот екосистем. Во тоа е и суштината на единството помеѓу животната заедница и нејзиното живеалиште“, додава Тасевска.
Претходно, од Хидробиолошкиот завод во Охрид кажаа дека управувањето со испустот на вода од Охридското Езеро за потребите на ЕСМ треба да биде регулирано од посебно тело кое има сеопфатни сознанија, а не од истата организација која што постојано произведува струја.
С. ВРЕНЦОВСКА