НЕГУВАТЕЛИ ОД ЦРВЕН КРСТ ЌЕ СЕ ГРИЖАТ ЗА СТАРИ И ИЗНЕМОШТЕНИ ЛИЦА ВО ОПШТИНА НОВО СЕЛО И ВАСИЛЕВО

    НЕГУВАТЕЛИ ОД ЦРВЕН КРСТ ЌЕ СЕ ГРИЖАТ ЗА СТАРИ И ИЗНЕМОШТЕНИ ЛИЦА ВО ОПШТИНА НОВО СЕЛО И ВАСИЛЕВОЧетиринаесет лицата два месеца посетуваа обука и ги добија сертификатите за негуватели, а деновиве ќе почнат да ги посетуваат старите и изнемоштени лица.(Фото: СДК.МК)

    Вкупно 14 лица ќе се грижат за триесетина семејства во општините Василево и Ново Село преку проектот за ,,Подобрување на социјалните услуги’’ што го реализира Црвениот крст од Струмица со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка. Лицата изминативе два месеца посетуваа обука и ги добија сертификатите за негуватели, а деновиве ќе почнат да ги посетуваат старите и изнемоштени лица.

    „Во нашата Општина речиси сите млади се иселени и по селата останаа само старите и изнемоштени лица. Јас веќе добив две семејства за кои ќе се грижам. Бев невработена и се пријавив на конкурсот за да стекнам нови вештини, но и да добивам плата. Целта е овие лица кои се сами, а не се згрижени во домови, да се почувствуваат дека не се заборавени од средината“ вели Николина Стојкова од населеното место Старо Коњарево која доби сертификат од Црвениот крст.

    Списокот на лица ќе добиваат нега и помош го изготви Центарот за социјални работи од Струмица согласно својата евиденција. Списокот може да се прошири доколку одредени лица пријават интерес и се пријават кај социјалните служби. Негувателите ќе ги посетуваат лицата во зависност од потребите и ќе се грижат за нив по неколку часа на ден.

    „Негувателите кои се избрани и ја завршија обуката за помош и нега на старите и изнемоштени лица ќе се грижат за период од две години. Ќе се грижат за нивната лична хигиена и хигиената во домот, подготовка на оброци, но и да реализираат одредени обврски како пазарување, набавка на лекови, плаќање сметки. Сето тоа е предвидено во услугите кои ќе ги испорачуваат негувателите“, вели Маријана Тошева од Црвениот крст од Струмица.

    Месечно негувателите треба да работат по 80 часа. Саатницата чини 190 денари. Градоначалниците на Василево и Ново Село каде се отворија канцеларии на Црвениот крст за координација на теренските активности, изразија задоволност од овој проект бидејќи и во двете Општини расте бројот на стари и изнемоштени лица чии деца заминале во странство.

    „Трасираме еден правец за една континуирана и професионална помош на старите лица. Наша цел е да бидеме средина каде ќе да даваме квалитетна заштита на граѓаните“, рече Марјан Јанев градоначалник на Василево.

    Од Црвениот крст во Струмица информираа дека расте интересот за нега и помош на стари и изнемоштени лица во овие две општини. Работата на негувателите ќе ја контролираат од Црвениот крст, Центарот за социјални работи, но и од општините.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира