НЕМА АБЕР ОД АРАПСКАТА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ОТЕШЕВО

    НЕМА АБЕР ОД АРАПСКАТА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ОТЕШЕВОПред две години, ексградоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски најави дека „Глобал инвестмент фонд“ е новиот инвеститор од Обединетите Арапски Емирати кој ги купи урнатините што останаа од некогашниот луксузен хотел „Европа“ на брегот на Преспанското Езеро и најави дека реновирањето ќе почне во 2018. До денес не е ништо направено (Фото: СДК.МК)

    Нема ни трага од инвестицијата што пред две години ја најави ресенската локална самоуправа, дека стариот и изгорен во пожар хотел „Европа“ во Отешево го купија бизнисмени од Обединетите Арапски Емирати. Наместо нови градби, секоја години се става по една нова преграда. По минатогодишната рампа на која пишува „приватен имот“, годинава се поставени огради со мрежи. Сепак, шетачите кои местото го користат за рекреација поради убавата природа, откорнале дел од оградата, па може да се помине.

    По минатогодишната рампа на која пишува „приватен имот“, годинава се поставени огради со мрежи (Фото: СДК.МК)

    Некогашниот сплав наречен Рибарско село се распаѓа, откако еден од поранешните угостители во изминатите години стана директор на јавно претпријатие. На плажата се прават обиди и за монтажен локал. Но, сѐ уште туристичката понуда на цело Отешево ја крепи единствено хотелот „Лејквју“. Македонскиот повратник од Њу Џерси, САД Љупчо Неловски го реновирашре пред шест години. Само таму има храна и пијалак, а на друго место не може да се купи ни вода.

    До денес не е ништо направено, освен што последно е искршено секое стакло што беше останато на хотелот (Фото: СДК.МК)

    Сликата во Отешево е непроменета со години. Опожарените хотели „Европа“и „Југославија“ се претворени во руина. По пожарот во 2005 година, ништо не е поправено. Местото прво го купи португалската компанија „Аквапура“. Ветија дека ќе вложат над 50 милиони евра за да го направат седма најубава туристичка точка во светот. Местото го купија за евро од метар квадратен во 2006, непосредено пред параламентарните избори, кога градоначалник на Ресен беше Димитар Бузлевски од СДСМ. Но, ништо не се изгради. Се промени власта, па фирмата се жалеше дека државата ги кочи во изградбата, а државните институции дека сопствениците не доставиле потребна документација за да градат. Случајот заврши на суд.

    Пред две години ексградоначалникот на Ресен  Ѓоко Стрезовски најави дека „Глобал инвестмент фонд“ е новиот инвеститор од Обединетите Арапски Емирати кој ги купи урнатините што останаа од некогашниот луксузен хотел на брегот на Преспанското Езеро. Не кажа колкава цена платија, но се рече дека реновирањето ќе почне во 2018. До денес не е ништо направено, освен што последно е искршено секое стакло што беше останато на хотелот.

    Околу хотелот руинирани се плажни тераси, игралишта, обраснатите долги пешачки патеки… Прекрасни се само природните пејсажи.

    Сегашниот градоначалник на Општина Ресен Живко Гошаревски, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека странските инвеститори се од Дубаи и дека го купиле само некогашниот хотел „Европа“ од „Аквапура“.
    „Ваквата состојба во Отешево јас ја затекнав. Очекувам оваа недела инвеститорите да дојдат и да кажат какви им се плановите. За потребите на ‘Аквапура’ претходно беше работен и урбанистички план, кој не беше усвоен, па сега треба да се донесе нов. Во комплексот Отешево има и други сопственици. На пример хотелот ‘Југославија’ е до ‘Европа’, а е на друг приватник“, рече градоначалникот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира