Немам намера да го кршам законот и без да се исполнат законските услови да ги менувам директорите, вели градоначалникот Петре Шилегов, откако дел од наставниците во средните училишта испратија писмо до медиумите во кое го прашуваат зошто не сменил ниту еден директор до сега.
Во писмото до градоначалникот Шилегов се вели дека дел од директорите кои уште се на функција учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април, но и понатаму ги извршуваат директорските функции и наведуваат дека изминативе девет години биле секојдневно изложени на мобинг и притисоци.
Шилегов вели дека се испитува работењето на сите директори и според сите законски прописи ќе биде направена промена на директорските места во средните училишта.
„За да може еден директор да се смени треба да му истече мандатот, да си поднесе оставка, да почне постапка по барање на училишни одбори или доколку државниот инспекторат за образование утврди нерегуларност во работење. Немам намера да го кршам законот и без да се исполни еден од овие услови да менувам директори. На седница на Советот на Град Скопје во јануари поставивме нови членови на училишните одбори. Се испитува работењето на сите директори, во некои училишта постапката е во завршна фаза“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Под надлежност на Град Скопје се 21 средно училиште во Скопје.
А. АНТЕВСКА