Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, порача дека во Советот нема да се гласа за Нацрт-деталниот урбанистички план за Барутана на Водно додека не се најде законско и прифатливо решение за сите отворени прашања.
На 13 јули, советниците од мнозинската СДСМ и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар заеднички изгласаа на Водно под Јужна обиколница да се градат хациенди, за што треба да се сече шума.
„Додека не најдеме законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, нема да предложам Нацрт-ДУП-от ‘Барутана‘ да се стави на дневен ред на Советот. Позитивните мислења од институциите се важни, но мора да ги расчистиме и прашањата за стабилноста на теренот и пристапната сообраќајница. Затоа ќе ѝ наложиме на планерската куќа да нарача дополнителна студија од Градежниот факултет за проценка на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините. Имаме законска обврска да ја водиме постапката, но тоа не значи дека планот мора да биде усвоен по секоја цена“, кажа Герасимовски.
Тој додаде дека ќе се разгледаат сите забелешки и ќе се направат потребните дополнителни анализи.
„За Водно мора да бидеме особено внимателни, а безбедноста на граѓаните мора да биде на прво место“, рече Герасимовски.
- ДОДЕКА СУМ ЈАС ЛИДЕР НА СДСМ, ВО БАРУТАНА НА ВОДНО НЕМА ДА СЕ ИЗГРАДИ НИ ЕДНА ЦИГЛА И ТОА МУ ГО ПРЕНЕСОВ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕРАСИМОВСКИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ
- СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗДРУЖНО ИЗГЛАСАА ДА СЕ ГРАДАТ ХАЦИЕНДИ НА ВОДНО ЗА КОИ ЌЕ СЕ СЕЧЕ ШУМА
- ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕРАСИМОВСКИ ОД СДСМ НЕ ДОЈДЕ НА ЈАВНАТА РАСПРАВА, А ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ ВЕЛКОВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО БРАНЕШЕ ПЛАНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ НА ВОДНО
- НОТОРНА ЛАГА Е ДЕКА СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ГО ПОДДРЖАА ПЛАНОТ ЗА ГРАДБИ НА ВОДНО, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ИАКО ТИЕ ЗДРУЖНО СО СДСМ НА 14 ЈУЛИ ИЗГЛАСАА ДА СЕ ГРАДАТ ХАЦИЕНДИ И ДА СЕ СЕЧЕ ШУМА
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, неодамна кажа дека ДУП „Барутана“ нема да се донесе додека тој е лидер на партијата, додавајќи дека за ваквиот став го информирал и Герасимовски и во наредниот период за овој проблем ќе имаат координации.
Од 13 август до 14 септември траеше јавната анкета за Нацрт-ДУП-от, по што неговата конечна верзија требаше да биде ставена на усвојување на седница во Советот на Општина Центар. Планот предвидува изградба на дваесетина нови објекти, кои би се граделе на стрмен предел и би имале голема површина за градба.



