Министерот за здравство Венко Филипче вели дека засега не планираат и нема потреба да ги повикаат пензионираните лекари да им помогнат на медицинските работници кои сo месеци се ангажирани во борбата со коронавирусот.
„Во овој момент нема невработен или неангажиран лекар. Сите млади лиценцирани лекари веќе се ангажирани и помагаат во некоја област. Имавме состанок со 55 лекари приватни интернисти, десетина веќе се пријавени и се ставија во функција. Во таа смисла нема потреба од пензионираните лекари. Во некои земји ги враќаат на работа лекарите кои се дијагностицирани со ковид-19, а се асимптоматски. Кај нас сè уште нема потреба од нивно ангажирање, ниту од пензионираните лекари“, одговори министерот на новинарско прашање во Струмица.
Филипче беше во друштво на премиерот Зоран Заев, кој даде лична донација – амбулантно возило на Струмичката болница.
Болницата во Струмица на 2 ноември доби санитетско возило од Дирекцијата за заштита и спасување, откако претходно, директорот Наќе Гогов побара донации за да набави ново за транспорт на ковид пациентите до скопските клиники.
Иако уште не се знае кога ќе биде ставен во функција првиот кат од новото болничко крило на Струмичката болница за третман и лекување на ковид пациенти, директорот Гогов често апелира дека ќе нема персонал да работи таму.
„Проблемот со кадар е присутен на територијата на цела држава. Дури и болниците во Скопје го имаат проблемот во сите клиники. Има само 50-тина инфектолози. Затоа дојдоа на помош од другите градови интернисти и пулмолози кои дојдоа и помагаат на своите колеги на скопските клиники“, кажа министерот.
В. ТРАЈКОВ