ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ФАЛАТ ДОКТОРИ И СЕСТРИ ЗА ДА МОЖЕ ДА ПРОРАБОТИ РЕГИОНАЛНИОТ КОВИД-ЦЕНТАР ВО НОВОТО БОЛНИЧКО КРИЛО

    ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ФАЛАТ ДОКТОРИ И СЕСТРИ ЗА ДА МОЖЕ ДА ПРОРАБОТИ РЕГИОНАЛНИОТ КОВИД-ЦЕНТАР ВО НОВОТО БОЛНИЧКО КРИЛОНа целиот спрат со 100-тина легла кои веќе се опремени и има централен довод на кислородна поддршка се планира да се хоспитализираат пациенти со потешка клиничка слика за да се ублажи притисокот на Инфективното одделение и дневните ковид-амбуланти; - Пред парламентарните избори летово Филипче со техничкиот премиер Оливер Спасовски го посетија новото болничко крило во Струмичката болница. (Фото: СДК.МК)

    Нема конкретна информација кога ќе биде ставен во функција првиот кат од новото болничко крило на Струмичката болница за третман и лекување на ковид пациенти. Министерот за здравство Венко Филипче на 24 октомври најави дека тоа ќе се случи за некој ден, но новото крило уште не работи оти нема доктори и сестри.

    Станува збор за цел спрат со 100 легла, опремен со централен довод на кислородна поддршка, каде се планира да се хоспитализираат пациенти со потешка клиничка слика за да се ублажи притисокот на Инфективното одделение и дневните ковид-амбуланти. Директорот на болницата Наќе Гогов вели дека и да биде ставен во функција нема кој да работи на новиот болнички ковид-спрат, бидејќи нема персонал. Им фалат лекари-специјалисти и медицински сестри.

    „Немаме персонал. Имаме вкупно 12 лекари и медицински сестри позитивни на ковид-19 или ставени во домашна изолација. Со сегашниот кадар не успеваме да ги покриеме сите одделенија. Доаѓаат двајца специјалисти од Скопје, но за да се отвори тој спрат ни треба кадар, а ние во моментов го немаме. Поднесовме барање за ангажирање сестри со договор на дело, но немаме добиено одговор. Таму треба медицински персонал кој ќе се грижи за хоспитализираните пациенти“, ни рече Гогов додавајќи дека наредната недела очекува да стаса амбулантното возило од Бугарија што го најави семејството Заеви како донација.

    Директорот на болницата Наќе Гогов вели дека и да биде ставен во функција нема кој да работи на новиот болнички ковид-спрат, бидејќи нема персонал. Им фалат лекари-специјалисти и медицински сестри. (Фото: СДК.МК)

    Во Струмичката болница во моментов се лекуваат 100-тина пациенти, од кои 40  на Инфективното одделение. Според Гогов, десетина од нив се на кислородна поддршка, а во текот на вчерашниот ден починале уште две лица. Останатите лица кај кои е дијагностициран вирусот се на третман во ковид-амбулантите бидејки имат полесна клиничка слика. Таму дневно се лекуваат околу 60 пациенти, за што се ангажираат сестри од другите болнички одделенија.

    Последните денови, во овој регион се регистрираат по 30-тина нови позитивни со коронавирус. Од почетокот на пандемијата досега, во Струмичко според Институтот за јавно здравје регистрирани се 1.146 пациенти со коронавирус, 33 лица починале од компликации од вирусот, а оздравени се 499 лица. Во моментов, во Струмица и остантите три општини од овој регион има 614 активни случаи со ковид-19.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира