Во Основниот суд во Струга денеска од почеток започна главната расправа на судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра и уште три други автомобили.
Иако одбраната на Мерко бараше застареност на делото, Судот одлучи да не го прифати предлогот за релативна застареност, бидејќи настанал прекин и судењето започна одново. Одлука за неприфаќање на приговорот за застареност на кривичното гонење претходно донесе и судијката Надица Митреска, која постапуваше по предметот. Поради прекин на рокот на застареност, сега апсолутната застареност на делото е во 2028 година.
„Со оглед на тоа дека претходно беше донесено решение од колешката што го водеше предметот дека не се прифаќа приговорот и бидејќи расправата почнува одново, јас повторно ја донесов истата одлука оти сметам дека има прекин на рокот на застареност. Од тие причини ја отворивме расправата и започнавме со изведување на доказите“, изјави судијата Јордан Јованов.
Во судницата беше сослушан сведокот на одбраната, ревизорката Наде Бојаџиеска од Државниот завод за ревизија, која рече дека според направената ревизија на Општината за 2018, нема незаконитости во постапката за набавка на возилото.
За луксузниот автомобил „ауди А6“ и три други возила од општинскиот буџет беа потрошени 114.000 евра. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал го гони струшкиот градоначалник за злоупотреба на службената положба, бидејќи спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила, со што го оштетил буџетот.
Судските процеси за „аудито“, како и за поставувањето на спомен-плочата кој денеска беа одложен поради здравствени причини на обвинителот кој го застапува предметот, ќе продолжат на 9 април.
С. ВРЕНЦОВСКА