НЕПРИФАТЛИВИ СЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД СТРУЧНИТЕ НАДЗОРИ ЗА СМРТТА НА ПЕТГОДИШНАТА ЈАНА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛА

    НЕПРИФАТЛИВИ СЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД СТРУЧНИТЕ НАДЗОРИ ЗА СМРТТА НА ПЕТГОДИШНАТА ЈАНА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛАНа протестот се делеа балони со името на Јана Христовска. (Фото: СДК.МК)

    Извештаите од надзорните на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и Комисијата за стручен надзор не кореспондираат со исказите на семејството на петгодишната Јана Христовска која на 22 март почина во Клиничката болница во Битола, изјави на вечерашниот протест во Битола кумот на девојчето Игор Петковски. Тој во име на родителите на Јана и другите роднини и пријатели на семејството побара сите членови од двата надзори да излезат во контактна емисија во живо на телевизија и да одговараат јавно на поставени прашања од јавноста.

    „Бараме итен одговор кога тоа би се случило. Јавноста мора да ја дознае вистината за смртта на Јана“, рече Петковски.

    На протестот се делеа балони со името на Јана, а приустните граѓани од плоштадот Магнолија низ Широк Сокак се упатија до Офицерскиот дом, каде беше пуштен голем балон кон небото со порака Јана да биде штит за идните деца да не ја доживеат нејзината судбина.

    Кога Јана почина во Клиничката болница во Битола, родителите изјавија дека состојбата ѝ се влошила откако ѝ била дадена инфузија по што ѝ се покачил шеќерот од 9 на 19 единици. Но, увидите на ДЗСИ и на Комисијата за стручен надзор не утврдија лекарска грешка. Според нив, мускулно-воспалителна реакција во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул на девојчето со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин била причината за смртта.

    И по две недели од смртта уште нема резултати од обдукцијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира