Претпладнево патот за националниот парк „Пелистер“ беше завеан во снег и непрооден. Битолчани кои се обидуваа да се искачат до ски центрите за САКАМ ДА КАЖАМ.МК велат дека до горе може да се стигне само со џип.
„Настана голем метеж, имаше колона на скијачи кои сакаа да стигнат до ски центрите на Пелистер, но беше невозможно да се стигне со возило, патот не е исчистен. Неколку коли се излизгаа, за среќа нема повредени. Дури и полиција го регулираше сообраќајот“, вели битолчанецот Пеце Стојановски.
Битолчани утрово беа револтирани што не можеа да стигнат до ски центрите и да го искористат денот во скијање.
„На Пелистер нема вештачки снег и одвај чекаме да падне природен, има скијање најчесто неколку недели во годината. Сега кога има снег, зарем да не можеме да стигнеме горе?“, коментираат граѓаните.
Група битолчани од револт снимија видео материјал и го објавија на Фејсбук како во снег до половина се искачуваат на Пелистер. Во материјалот велат „чисти Македонија пат“.
Директорт на битолската подружница на „Македонија пат“ Веселинчо Спасевски вели дека возилото е веќе пратено и прво ќе го расчисти патот за ски центарот до „Нижо Поле“, а потоа и до „Копанки“.
„Моментално го пробиваме патот“, вели Спасевски.
Нерасчистениот пат утрово остави дел од угостителските објекти на Пелистер без греење, зашто не можеше да се искачи цистерана со гориво.
Ж. ЗДРАВКОВСКА