НЕРАЗУМНО И НЕЗРЕЛО СЕ ОДНЕСУВАЛ ТОЈ ШТО ПРЕД 12 ГОДИНИ ДАЛ ДОЗВОЛА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО, КАЖА МИЦКОСКИ

    НЕРАЗУМНО И НЕЗРЕЛО СЕ ОДНЕСУВАЛ ТОЈ ШТО ПРЕД 12 ГОДИНИ ДАЛ ДОЗВОЛА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО, КАЖА МИЦКОСКИСо измена на деталниот план „Мал ринг“ за време на мандатот на Владимир Тодоровиќ наместо подземна гаража, беше нацртана маркичка за катна гаража. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се бара начин да се обесштети инвеститорот на катната гаража до Собранието за да не се гради, бидејќи ја загрозува безбедноста на овој државен објект. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека веќе е воспоставена комуникација со инвеститорот и наредната недела спикерот Африм Гаши ќе има средба со него на која што ќе се договара решение.

    „Некој некогаш не бил разумен, се однесува незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието. Инвеститорот ги има сите потребни документи за градба бидејќи пред 12 години му било продадено земјиштето. Но, ние сега како Влада без разлика што некој друг се однесувал незрело мора да го решиме проблемот, да најдеме начин да го обесштетиме инвеститорот, а земјиштето повторно да се врати на државата за да не се гради таму објектот”, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашање на прес-конференцијата за доделување 250 милиони евра на општините.

    Пред еден месец инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража.

    Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.

    Инвеститорот добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година, со правосилност од 10 септември 2014.

    Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 година од ексградоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.

    Со измена на деталниот план „Мал ринг“ за време на мандатот на Владимир Тодоровиќ наместо подземна гаража, беше нацртана маркичка за катна гаража. Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за земјиштето од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше гаражата да биде висока 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор, продавници или угостителски објекти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира