Вчерашното кракотрајно невреме кое попладнето го зафати Тетово и околината повторно им причини штети и проблеми на жителите на село Порој. Околу четиристотини куќи во селото се без вода за пиење, а надојдената вода го однела и импровизираниот мост во центарот на селото. Коритото на Поројска Река повторно е наполнето со големи камења, песок и кал. Сообраќајот по регионалниот пат Тетово-Јажинце што минува под селото се одвива без проблеми. Од Месната заедница на село Порој апелираат до надлежните за превземање итни мерки за нормализирање на состојбата.
„Најитно треба да се исчисти коритото на реката од горниот дел до средсело, бидејќи при следениот посилен дожд во опасност ќе се најде поголемиот дел од селото. Исто така, очекуваме во текот на денот да се нормализира водоснабдувањето на Порој“, изјави Сулејман Рамадани, претседател на месната заедница на село Порој.
Пред околу месец и половина поројните дождови кои и тогаш го зафатија Порој создадоа големи наноси од земја, кал и камења поради што магистралниот пат Тетово-Јажинце повеќе од две недели беше непрооден а невремето направи големи штети и на земјодеЛските култури по долното течение на Поројска Река.